(ФОТО+ВИДЕО) Готвачка акција за 8 Март: Делење оброци пред супермаркетите како реакција за зголемените цени
Вчера, во рамки на маршот за 8 март којшто оваа година повика и на бојкот на маркетите, група граѓани, по иницијатива на автономна женска група, делеа оброци пред супермаркетот Веро во ГТЦ.
Оброците беа подготвени со донации од пазарџии од Битпазар, со зеднички повик за враќање на пазарите како алтернативно решение на зголемените цени од маркетите. Целта е да се освестат граѓаните за моќта на меѓусебната соработка наспроти зависноста од корпорациите и државата.
На настанот, се делеа и флаери кои ја објаснуваа важноста на борба за правата на жената, како дел од целите на маршот и бојкотот:
„Ова е систем во кој работиме до смрт, додека државата и богаташите ни го отежнуваат секојдневието – не само со тоа што нè експлоатираат, туку и со тоа што ни го ограничуваат пристапот до основните намирници за пристоен живот преку вештачката инфлација. Во овие тешки услови, жените се едни од најпогодените и најугнетените. Но, системот не може да опстои без трудот на жената. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал ниту еден ден без нас. А зошто да одржуваме систем кој води отворена војна против животот? Ваков систем треба да се сруши, а не да се поддржи. И токму тука лежи нашата моќ за која треба да се освестиме и да се здружиме. Затоа на овој 8-ми Март, освен што ве повикуваме на МАРШ во 13:00 ч. пред Универзалната сала, сакаме да ве повикаме и на солидарен ЖЕНСКИ БОЈКОТ на големите маркети и трговските центри кој ќе ја покаже тежината која со себе ја носи женската родова улога. Да им се вратиме на задругите, демократското производство и директната соработка со сточарите и земјоделците. Да ги напуштиме државата и корпорациите кои посредуваат во економијата само за да ни ги земат парите.
Но! Вистинскиот извор на нивниот профит лежи во експлоатацијата на трудот. Така, освен бојкот, она што може да зададе посилен удар на системот е ШТРАЈК – едно од најмоќните колективни оружја што ги имаме на располагање. Ние ги движиме запчаниците на системот. А системот не работи за наша благосостојба. Ние можеме да го запреме! Да создадеме наша економија – економија за и на луѓето, економија во баланс со природата, економија на соработка и на вистинска солидарност.
ОВОЈ 8. МАРТ МАРШИРАМЕ И БОЈКОТИРАМЕ!
NËSE NUK KANË BUKË, LE TË HANË TRANDAFILA!
MARSH DHE BOJKOT PËR 8 MARS“