(ФОТО+ВИДЕО) Сребрен накит, часовници, облека – дел од заплените на мобилната царина
Мобилните тимови на Секторот за контрола и истраги, како што информираат од Царинската управа, во три случаи заплениле околу 2,7 килограми сребрен накит, 33 часовници, како и 160 парчиња облека.
Во првиот случај, на граничниот премин „Богородица“, двајца сопружници на влез во земјава, се обиделе нелегално да внесат околу 2,7 килограми сребрен накит.
„Накитот е откриен при контрола на куферите, при што во внатрешните џебови од облеката се пронајдени 37 пакувања со сребрен накит, а во возилото се пронајдени и три сметки од накитот кои биле на име на сопружникот“,
се вели во соопштението од Царина.
Против лицето, се додава во соопштението, е поднесена кривична пријава до јавно обвинителство за кривично дело криумчарење, по што судот донел одлука за одземање на накитот, парична казна од 2 500 евра во денарска противвредност и заплена на возилото со кое е извршено кривичното дело.
Во вториот случај, на граничниот премин „Блаце“, при контрола на автомобил царинските службеници откриле часовници кои возачот ги скрил во црни ќеси кои ги ставил зад совозачкото седиште.
Третиот случај, додаваат од Царина, бил на граничниот премин „Табановце“ каде при извршена контрола на автобус, од страна на мобилните тимови, биле откриени и запленети 160 парчиња облека наменета за продажба на македонскиот пазар. Автобусот кој сообраќал на релација Белград – Скопје, од Царинската управа велат дека бил селектиран за детален преглед при што под клупите и во фабричката шуплина над задните десни тркала се пронајдени непријавените парчиња облека.
Од Царина велат дека во случајот на заплена на часовници и облека против лицата се поднесени прекршочни пријави.
Со овие акции, додаваат од Царинската управа, е спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки од околу 150 илјади денари.