(ФОТО) ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од Стевчо Јакимовски како неговото семејство станало сопственик на две парцели во Жданец

На само четири дена пред гласањето на вториот круг од локалните избори, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска побара одговор од актуелниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат во Општина Карпош, Стевче Јакимовски, како тој и неговото семејство за една година станале сопственици на две градежни парцели во населбата Жданец, каде што и тој лично живее.

Марија Митева, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција упати серија прашања до Јакимовски, посочувајќи дека јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти, токму, како што додаде, во најелитниот дел на Карпош.

„Како е можно парцели што според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски, тие магично да станат градежно земјиште и тоа со урбанистичка маркица, што веќе е уцртана во планот. Дали за овие парцели, што од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога и до каде е постапката“праша таа.

На крајот од прес-конференцијата, таа упати и дополнително прашање до Јакимовски дали покрај овие домашни парцели, неговото семејство се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција.

„Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности“кажа Митева.

Ова се документите што на прес-конференцијата ги приложи Митева за овој случај:

Инаку, во трката за градоначалник во Карпош во вториот круг останаа Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Во првиот круг, повеќе гласови освои Сотир Лукровски – 10 284, односно 34,51 отсто. Стевчо Јакимовски освои 8 761 глас или 29,4 отсто.

Back to top button
Close