(ФОТО) Заедничка парада на СДСМ и ССМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ за работничкиот протест

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на денешниот протест на дело покажаа дека се едно, соопштија денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Ова следи по денешниот протест на работниците во организација на ССМ што почна во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, потоа продолжи пред Собранието, за на крајот да заврши пред зградата на Владата.
Според владејачката партија, протестот покажа дека е само една заедничка парада на СДСМ и ССМ, со која ги лажат работниците дека се залагаат за повисоки плати.
Од партијата испратија неколку фотографии од денешниот протест, на кои, како што велат, се гледаат присутни лица што носат маици со натпис на СДСМ.
„Ова е доказ за се она што досега го зборувавме дека ова не е борба за работнички права на Синдикатот. Ова е организирана активност на СДС и ССМ под превезот дека се бараат повисоки плати. Ова е само една лага на СДС и ССМ“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, ова е и доказ за информациите до кои дошле дека за протестот се носеле луѓе и од други градови, а истите биле организирани од локални штабови на СДСМ.
И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција посочи дека денешните протести на ССМ се организирани од членови на СДСМ.
„Во Тетово, како и од тој регион, работниците ги организираше истакнатиот член на СДС, Мирослав Павловски. Работниците во Струмица и околината ги организираше Бранко Георгиев, кој е поранешен раководител во струмичкото Јавно претпријатие ‘Комуналец‘. Во Куманово ги организираше Оливер Трајковски, вработен во тамошното Јавно преетпријатие ‘Чистота и зеленило‘“, кажа Петрушевски.
Според него, СДСМ наместо да работи на зајакнување на партијата, решиле да им организираат протести на ССМ.
Извор: 360stepeni.mk






