Фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ ќе бидат изложени во „Рудиќ Галерија“

 

Љубовта кон природата и фотографијата, особено кон водите, ги поттикнала Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ да избегаат од градот и веќе 12 години живеат на струшкото крајбрежје, крај езерото кое е вечна инспирација за секој уметник.

На овој навидум мал простор, тие секојдневно пронаоѓаат нови мотиви, го запознаваат богатството на ендемската флора и фауна, ги откриваат убавините на четирите годишни времиња, а лете подводниот свет на прекрасното Охридско езеро. Денот е прекраток, како што велат, да се регистрираат и овековечат сите случувања на малото по површина, но големо пространство со своите чудесии, од изгрејсонце до зајдисонце.

Михајло Филиповиќ – Фил, роден во Хрватска, е професионален фотограф и нуркач кој ги замени солените јадрански води со слатката охридска и на оваа изложба го пренесува подводниот свет на тишината.

Ема Кушевска, родена во Скопје, чија прва љубов е сликарството, овие 12 години својот уметнички порив го изразува преку објективот на својата камера. Иако и таа обожува подводна фотографија, на оваа изложба ќе се претстави со надводниот свет, онака, како таа го доживува.

Нивната заедничка изложба на фотографии во „Рудиќ Галерија“ ќе трае до 8 октомври 2022 година, извести фотографот Боро Рудиќ.

Back to top button
Close