Франција, Германија, Италија и Романија се залагаат на Украина веднаш да и се даде кандидатски статус

Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија се залагаат на Украина „веднаш” да и се додели статус кандидат за членство во ЕУ, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката прес-конференција со европските лидери и украинскиот претседател Володомир Зеленски во Киев.

 

– Сите четворица поддржуваме давање статус на кандидат, рече Макрон.

Тој додаде дека овој статус е проследен со патоказ што значи и да се земе предвид состојбата на Балканот и соседството, особено во Молдавија.

Макрон зборуваше по заедничките разговори што тој, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис ги имаа денеска со украинскиот претседател Зеленски во Киев.

 

Макрон, Шолц и Драги денеска пристигнаа во Киев со специјален воз, за ​​да и покажат поддршка на Украина. Клаус Јоханис, претседателот на Романија, која беше една од клучните дестинации за украинските бегалци, денеска одделно пристигна во Киев.

Италијанскиот премиер Марио Драги потврди дека Италија „ја сака Украина во Европската унија”.

– Денеска најважната порака од нашата посета е дека Италија ја сака Украина во Европската унија, потенцираше Драги на заедничката прес-конференција по разговорот со Зеленски.

Шолц вели дека дошол во Украина со јасна порака: Украина припаѓа на европското семејство.

Тој додаде дека Германија ќе ја поддржи одлуката за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ. Шолц, исто така, потенцираше дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека тоа е потребно.

Европската унија следната недела треба да одлучи дали на Украина ќе и даде официјален статус на земја кандидат за членство.

 

Макрон, исто така, најави дека Франција ќе и испорача на Украина дополнителни шест самоодни хаубици Цезар, познати по својата прецизност, покрај 12-те веќе испорачани.

Европските лидери денеска го посетија Ирпин во предградие на Киев, кој беше уништен во првите недели од руската инвазија на Украина. Констатирајќи ја направената штета, германскиот канцелар ја осуди „бруталноста на руската агресивна војна, чија цел е само уништување и освојување”.

 

– Беа погодени невини цивили, уништени куќи. Уништен е цел град кој немаше никаква воена инфраструктура, рече Шолц.

Четворицата лидери подоцна се вратија во центарот на Киев на разговори со претседателот Зеленски пред заедничката прес-конференција. с

Back to top button
Close