Франција основа фонд од три милијарди евра за помош на големи и средни компании

Франција формира фонд од три милијарди евра за поддршка на средни и големи компании за излез од коронавирус-кризата, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

Целта на фондот е да им помогне на одделните компании од случај до случај со заеми или инјекции на капитал за да можат да застанат на нозе.

Фондот се формира како дел од низата нови мерки кои вклучуваат забрзано преструктуирање на долгот и помагање на компаниите да добијат повеќе време за отплата на заостанатите даноци и придонеси за плати.

– Целта не е да ги ослабне акционерите, ниту улогата на државата да стане главен акционер на француските компании. Нашата цел е да обезбедиме премин од кризата за да можат компаниите да закрепнат, изави Ле Мер на прес-конференција.

Долгот на француските компании се зголеми за 230 милијарди евра минатата година, повеќе од 10 проценти од бруто домашниот производ, бидејќи тие масовно земаа заеми загарантирани од државата за да се справат со колапсот на готовинскиот тек за време на кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

Иако многу компании на крајот не мораа да ги користат парите што ги позајмија, министерството сака да избегне бран на неликвидност.

Меѓу другите нови мерки, Министерството за финансии користи алгоритми за данок и податоци за плати за откривање на кревки компании и навремено контактирање со нив.

Back to top button
Close