Франција: Затворениците ќе плаќаат за затворските казни
Францускиот министер за правда, Жералд Дарманен, објави дека „трошоците за престој во затвор ќе бидат повторно утврдени“ – ќе ги плаќаат самите затвореници, со цел да се обезбедат средства за финансирање инвестиции како што се „побрза изградба на затвори“ и „опрема на затворските службеници“.
Дарманен изјави за телевизијата ТФ1 дека затворениците „мора да придонесат“ и да платат дел од „затворските трошоци“, објави Фигаро.
Тој рече дека оваа промена ќе бара и промена на законот.
Според францускиот министер за правда, функционирањето на затворите во таа земја „чини десет милиони евра дневно, речиси четири милијарди евра годишно“.
Дарманен истакна дека од затворениците нема да се бара да платат целиот износ на годишните трошоци, туку „дел од трошоците“.
„Ќе работиме заедно за да ја направиме сумата симболична, но значајна“, рече тој.