Француската десница ја одбива поканата на Лекорну – условите на премиерот ја продлабочуваат кризата

Министрот за внатрешни работи на Франција во оставка, Брено Ротојо, кој е лидер на конзервативната десница „Републиканците“, изјави дека нема да учествува во новата влада на Себастијан Лекорну, јавува весникот „20 минути“.

Ротојо, како и претседателот на францускиот Сенат Жерар Ларше, исто така член на „Републиканците“, сметаат дека нивната партија воопшто не треба да биде дел од новата влада. Прашањето било разгледано на денешната средба на пратеничката група на партијата.

– Според мене, не треба да учествуваме во оваа влада, нагласи Ротојо, мислејќи и на свое лично отсуство од кабинетот.

Ларше предупреди дека социјалистите ќе се обидат да го уценуваат Лекорну да се откаже од сите досегашни реформи во замена за нивна поддршка при евентуален предлог за недоверба во Парламентот. „Во такви услови, ‘Републиканците’ не треба да бидат дел од кабинетот“, рекол Ларше.

И пратеникот Франсоа-Ксавие Белами изјави дека евентуално вклучување на „Републиканците“ во владата би било „негирање на нивните принципи“.

Себастијан Лекорну беше повторно номиниран од претседателот Емануел Макрон да формира влада, помалку од една недела по поднесената оставка. Оставката следуваше еден ден по објавата на составот на неговиот претходен кабинет, што предизвика незадоволство кај „Републиканците“, кои очекуваа една третина од министерските места, но добија значително помалку.

Ротојо предложил неколку кандидати од својата партија за местото министер за вооружени сили – позиција што се испразни откако Лекорну беше назначен за премиер. Сепак, Лекорну ја изненадил десницата назначувајќи го поранешниот министер за финансии Брено Ле Мер, кого многумина го обвинуваат за државниот дефицит. Ле Мер претходно изјави дека не сака да се враќа во политиката и го критикуваше Макрон што го распушти парламентот, што, според него, ја доведе Франција во политичка парализа.

По објавата на составот на таа влада, Ротојо објави порака на мрежата „Икс“, во која напиша дека составот на кабинетот „не ја одразува најавената дистанца од минатото“. Се смета дека токму оваа реакција го поттикнала Лекорну да поднесе оставка, објаснувајќи дека некои партнери од коалицијата се воделе од „лични амбиции“ – алудирајќи на Ротојо, за кого се шпекулира дека ќе се кандидира на претседателските избори во 2027 година.

По неговата оставка, Макрон му довери на Лекорну да одржи консултации со политичките партии, а два дена подоцна повторно го номинира за премиер.

Според „Фигаро“, Лекорну поставил услов дека во неговата нова влада нема да има лица кои планираат претседателска кандидатура, со што ги исклучил Жералд Дарманен, Брено Ротојо и Едуар Филип, лидерот на центристичката партија „Хоризонти“.

Back to top button
Close