Француски министер за внатрешни работи Нуњез: Нема регистрирани закани, но има највисоко ниво на будност во земјата

Во Франција нема видливи закани, но oстанува највисоко ниво на будност со зголемена мобилизација на безбедносните сили, изјави министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, објавија француските медиуми.
Говорејќи по состанокот со префектите на одбранбените зони, началниците на полицијата и разузнавањето и Генералната дирекција за внатрешна безбедност, Нуњез рече дека до денеска немало осуетени планови за напад, нема познати или идентификувани закани и додаде дека нема посебна причина за загриженост.
Нуњез повтори дека Франција „сè уште е во контекст на терористичка закана која е генерално многу висока“.
„Очигледно е дека моменталниот меѓународен контекст нè наведува да ја зголемиме будноста и мерките за заштита на националната територија. Нашата будност е на највисоко ниво“, повтори Нуњез.
Францускиот министер рече дека во последните денови им биле дадени разни упатства на префектите и полициските служби за да се обезбеди безбедноста на иранските дисиденти, американските и израелските интереси присутни на француска почва, како и на еврејските верски објекти. Тој, исто така, ги спомна зголемените безбедносни мерки за собири и прометни места, како што се железничките станици.






