Францускиот премиер ќе бара доверба во парламентот заради планот за штедење
Францускиот премиер Франсоа Бајру најави дека ќе побара гласање за доверба во парламентот во врска со буџетот за 2026 година, кој предвидува мерки за штедење.
Бајру денеска изјави дека заедно со претседателот Емануел Макрон се согласиле гласањето доверба да се одржи на 8 септември.
Франција се соочува со сериозен буџетски дефицит, а владата планира заштеди во висина од 43,8 милијарди евра. Левичарските партии во Националното собрание веќе најавија предлог за недоверба на владата, а синдикатите повикуваат на генерален штрајк на 10 септември.
Бајру е на чело на малцинска влада од декември, по изненадната одлука на Макрон да распише вонредни парламентарни избори минатата година. Тој во јули успеа да преживее гласање за недоверба благодарение на одлуката на крајнодесничарската Национална алијанса на Марин Ле Пен да не ја поддржи социјалистичката иницијатива. Засега е неизвесно како оваа партија ќе се постави при новото гласање.
Јавниот долг на Франција достигна 114 проценти од бруто домашниот производ (БДП), што ја прави една од земјите со највисок сооднос долг-БДП во еврозоната.