Француско гратче доби 10 милиони евра од човек што никогаш не живеел таму
Француско гратче (со население од 1 773 жители) доби наследство од 10 милиони евра од Роже Тибервил, човек што ниту живеел во гратчето, ниту го посетил. Потекнувајќи од семејство на сопственици на лозја, тој наследил имот во Париз од своите родители и таму работел како метеоролог.
Роже Тибервил всушност имал исто презиме како името на гратчето кое се вика Тибервил. Тој починал во август 2024 година, на 91-годишна возраст, но не оставил потомци, па решил да го подари своето наследство на гратчето.
По смртта на Роже, градоначалникот на Тибервил примил телефонски повик во кој дознал за подарокот – речиси 10 милиони евра. Бидејќи гратчето е јавен орган, тоа нема да треба да плати данок на наследство.
Гај Парис, градоначалникот, изјавил дека изненадените и радосни локални жители и функционери сега размислуваат како да го потрошат неочекуваното наследство, кое е пет пати поголемо од годишниот буџет на општината. „Тоа е исклучителна сума пари. Очигледно е дека сумата е како од соништата,“ изјави Парис за локалната радио станица Франс Блу.
„Нема да ги потрошиме сите пари. Ќе управуваме со ова наследство како што секогаш сме правеле со нашиот општински буџет – со внимателност и одговорност.“
Француската општина сега планира да го исплати банкарскиот кредит од повеќе од 400.000 евра што беше искористен за изградба на ново основно училиште.
Парис изјавил дека единствената врска на Тибервил со гратчето било неговото име и дека разбрал дека добротворецот на градот живеел „скромно во Париз“, каде поседувал четири станови во југоисточниот 15-ти арондисман. Можеби изненадувачки, нема познати фотографии од него.
Тибервил имал една единствената наведена желба на смртната постела – неговата пепел да биде поставена во споменик во гробиштата на општината.
„Господинот Тибервил не побара ништо за возврат за своето наследство, но му го должиме барем тоа“, изјави градоначалникот.
Тибервил е обично гратче чии главни атракции се замок од доцниот 19 век и поранешна фабрика за ленти и тоа нема со што друго да се издвои од другите градови. Најблиската голема атракција е величествената Базилика во Лизие, 16 километри на запад, изградена во чест на Света Тереза и отворена во 50-те години.
Парис изјави: „Имаме проекти: јавна градина со игралиште, терен за соларни панели кои ќе служат како сенка, реновирање на основното училиште, синтетички фудбалски терен…“
Додека Тибервил ја прославуваше својата добра среќа, соседните села Лe Планке и Лa Шапел-Аранг можеби жалеа за одлуката да не се спојат со градот за да добијат субвенции резервирани за општини со повеќе од 2 000 жители. Планот беше одбиен од соседните советници, што значи дека Тибервил нема да го споделува своето наследство. (Гардијан)