Фреш фуд
Имаше некоја симболика во името на инвестицијата („Фреш фуд“) на таблата зад премиерот Заев, кога „ден потоа“ тој објасни што сакал да каже со интервјуто за Бгнес. Во напорот да создадеш можности за да седиш на масата (на ЕУ), а не да бидеш на менито (како фреш фуд или подгреано јадење) има важни нијанси, кои ја отсликуваат клучната разлика меѓу она што се нарекува намера, и она што значи нејзина реализација.
Ако не се согледа таа разлика, или ако свесно се игнорира, тогаш и најдобрата намера може да заврши во корист на сопствената штета и да ја потврди балканската казнена практика: петелот што прв кукурика може да биде испратен во лонец.
Заев не е ни наивен, ни неупатен. Тој добро знае дека на граѓаните им е дозволено да се раководат од емоции, но дека избраните функционери имаат многу потешка обврска – да не подлегнуваат на емоции, туку да влечат прагматични потези што водат кон решенија, да гледаат неколку илјади милји подалеку од она што во моментот ги зоврива страстите и ги замаглува хоризонтите.
Немам дилема дека Заев имал намера да направи исчекор. Во спротивно, спокојно ќе сурфаше на емотивниот бран по бугарското вето и во безбедна зона ќе си ѕидаше патриотски рејтинг. Но, исто така, немам дилема и дека ги испушти од рака сите сидра што требаше да го држат неговиот наратив подалеку од разни видови симплификации, а кои ќе заличат на историски ревизионизам и евтино додворување кон соседите, спуштено на ниво на муабет пред „кооперација“.
Интервјуто требаше да биде реализирано со истиот јазик и аргументи како во објаснувањето што Заев го даде следниот ден. Вака, ем се најде во ситуација да не биде разбран овде, ем да не ги импресионира соседите. Во желба да ја премине таа тешка планина, се чини дека на свој грб непотребно ја презеде обврската да им го олесни патот на бугарските колеги во објаснувањето пред нивната јавност зошто ветото не е решение и како треба да се гради пријателство.
Такво преземање на товарот евентуално би имало логика, само ако било најдено или ако е на повидок сигурно решение за надминување на недоразбирањата. Но, по огласувањето на Каракачанов со негова преодна оценка за интервјуто, кој од една надмена позиција ни порача дека ако продолжиме така, можеби за една година ќе ни овозможат да почнеме преговори, прашањето е зошто Заев решил авансирано да ризикува?“
Дополнително, обидот за исчекор кажан на начин како што беше кажан во интервјуто, во бугарската јавност експресно се преведе како „задоцнето враќање на грешниот син кон прегратките на ‘мајката’“, а прокнижено како директна потврда за оправданоста на ветото. По сево ова, единствените позитивни поени сигурно ќе се прокнижат на сметка на проактивност на земјава во барањето решенија, ама кога ќе се процени штетата од вознемиреноста дома, и од однесувањето на соседите, есапот во моментов не е поволен.
Целата колумна на „Призма“ на следниот линк.