Фридрих Мерц денеска треба да биде избран за нов германски канцелар
Претседателот на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), Фридрих Мерц, денеска треба да биде избран во Бундестагот за нов канцелар на Германија.
Се очекува пратениците да го поддржат Мерц како канцелар на гласањето во Долниот дом на парламентот, откако неговите конзервативци од СДУ/ЦСУ, кои победија на федералните избори во февруари, постигнаа коалициски договор со Социјалдемократите.
За да биде избран, Мерц мора во првиот круг на гласање да добие т.н. канцеларско мнозинство, најмалку 316 гласови.
Мерц ја презема власта откако во ноември минатата година пропадна трипартитната коалиција на канцеларот во заминување, Олаф Шолц.
Германскиот коалициски договор предвидува планови за заживување на економијата, како што се намалување на даноците на корпорациите и намалување на цените на енергијата. Исто така, коалицијата ветува силна поддршка за Украина и поголеми средства за војската.
Иако Мерц е политичар ветеран кој ја почнал својата кариера како европски пратеник во 1980-тите, тој никогаш не извршувал владини функции. Откако во 2002 година ја загуби политичката борба против поранешната канцеларка Ангела Меркел, Мерц помина повеќе од една деценија во приватниот сектор пред да се врати на врвот на политичката сцена. Како богат, католички правник од западна Германија, кој четири години беше претседател на германскиот огранок на „BlackRock“, медиумите пренесуваат дека тој има спротивни ставови од Меркел, која ја водеше Германија 16 години. Додека Меркел ги помести конзервативците кон центарот, Мерц е економски либерал кој го повлече блокот на десно. Поддршката за Мерц го истакнува фактот дека тој обезбеди историски фискален пакет за зголемување на инвестициите во инфраструктурата и одбраната, дури и пред да ја преземе функцијата канцелар.
Со оглед на тоа што Алтернатива за Германија (АфД) води во некои неодамнешни анкети, главниот предизвик на новата влада ќе биде обновување на довербата и сигурноста во политичкиот центар на Германија, сметаат аналитичарите.
– Ако оваа влада не успее, АфД ќе добие уште поголема поддршка на следните избори и може да стане дел од која било следна влада“, рече шефот на меѓународната финансиска институција ING (Internationale Nederlanden Groep), Карстен Бжески.
Само еден министер од претходната влада, министерот за одбрана Борис Писториус, ќе ја задржи својата функција, додека останатите министри ќе бидат нови, многумина од нив со искуство од приватниот сектор во областите што сега ќе ги водат.
Доколку Мерц го добие потребното мнозинство во Бундестагот, ја напушта пленарната сала и оди во замокот Белви, каде што федералниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ќе го назначи за федерален канцелар. Мерц станува нов канцелар откако федералниот претседател ќе му го врачи указот за назначување.