Фридрих Мерц: Односот на САД кон Европа ќе води кон размислувања за создавање на европска безбедносна структура, доведувајќи го во прашање НАТО

Победникот на изборите во Германија, Фридрих Мерц изјави дека односот на САД кон Европа ќе води кон размислувања за создавање на европска безбедносна структура, доведувајќи ја во прашање иднината на НАТО

Фридрих Мерц, лидерот на конзервативната ЦДУ која победи на изборите во Германија во неделата, изјави дека Европа мора да ги зајакне своите безбедносни капацитети поради растечките тензии со САД околу војната во Украина и финансирањето на НАТО.

 

„За мене, апсолутен приоритет ќе биде зајакнување на Европа што е можно побрзо за, чекор по чекор, да постигнеме независност од САД во безбедносните прашања“, изјави Мерц.

 

„По минатонеделните изјави на Доналд Трамп јасно е дека Американците се засилено незаинтересирани за иднината на Европа“, рече Мерц за време на дебата со другите водечки кандидати по изборите.

Многу ме интересира што ќе се случи од денес до НАТО самитот на крајот на јуни“, рече тој. Притоа додаде дека е прашање „дали се уште ќе зборуваме за НАТО во неговата актуелна форма или дали ќе мораме да формираме независна европска безбедносна структура многу побрзо, рече Мерц.

Фридрих Мерц, кој ја предводи сестринската коалиција ЦДУ/ЦСУ рече дека тој „воопшто нема илузии за она што доаѓа од САД“.

Најверојатниот иден германски канцелар ги осуди и „неодамнешните интервенции во германската изборна кампања од страна на Илон Маск“. Американскиот милијардер и неговиот сојузник Трамп се големи поддржувачи на десно-радикалната и про-руска Алтернатива за Германија (АфД).

Интервенциите од Вашингтон не беа ништо помалку драматични и дрски од интервенциите кои ги гледавме од Москва, оттука ние сме под огромен притисок од двете страни, заклучи Мерц.

Back to top button
Close