Фрлал Молотови коктели врз учесници на митинг во Колорадо, повредени шест лица

Шест лица беа повредени, а една жена се здоби со тешки изгореници во напад на мирен митинг за поддршка на израелските заложници во Газа, што се одржа вчера во центарот на Боулдер, во сојузната американска држава Колорадо.

Напаѓачот, 45-годишниот Мохамед Сабри Солиман, извикувал „Слобода за Палестина“ додека фрлал запаливи направи кон толпата.

ФБИ го третира инцидентот како терористички напад.

„Тие се убијци!“ извикувал напаѓачот.

Нападот се случил во популарната пешачка зона на улицата Перл, четири градски блока во срцето на Болдер. Собраните учествуваа на неделната прошетка за поддршка на израелските заложници, организирана од волонтерската група „Трчај за нивните животи“.

На видео објавено од Си-Ен-ЕН се гледа гол маж со две шишиња во рацете, кој вика: „Ослободете ја Палестина!“, „Стопирајте ги ционистите!“ и „Тие се убијци!“ Додека полицаец со пиштол се обидува да го запре, сведоците извикуваат: „Фрла молотови коктели!“

Меѓу ранетите има и постари лица – на возраст од 67 до 88 години. Некои се здобиле со полесни повреди, додека други се здобиле со тешки изгореници.

Една жена мораше да се фрли на земја и да се превртува за да го изгаси пламенот.

Солиман престојувал во САД нелегално, претходно му бил одбиен азил

Полицијата го идентификуваше напаѓачот како Мохамед Сабри Солиман, египетски државјанин чија виза истекла во 2023 година. Си-Би-Ес објави дека неговото барање за азил било одбиено уште во 2005 година, а не е јасно кога и како повторно влегол во САД. Властите потврдија дека тој дејствувал сам и дека не се бараат други осомничени.

Солиман, исто така, бил повреден и однесен во болница, но природата на неговите повреди е непозната.

Стивен Милер, поранешен советник на Трамп и сегашен заменик-шеф на кабинетот на Белата куќа, напиша на X дека администрацијата на Бајден му дала на Солиман туристичка виза, која тој ја продолжил, а потоа и работна дозвола. Тој го нарече нелегален имигрант.

Шефот на канцеларијата на ФБИ во Денвер, Марк Михалек, рече дека нападите како овој станале премногу чести низ целата земја.

Back to top button
Close