Фудбалери и клупското раководство на Ница нападнати од навивачи

Францускиот прволигаш Ница денеска го осуди однесувањето на своите навивачи кои физички нападнаа неколку фудбалери и членови на клупското раководство по уште еден разочарувачки пораз во првенството.
Откако го претрпеа шестиот последователен пораз во сите натпреварувања, пораз од 1-3 од Лориен во француската лига во неделата, играчите на Ница се соочија со толпа свои навивачи на враќање во клупскиот тренинг-центар.
Како што јавија локалните медиуми, навивачите извикувале навреди и барале поголема посветеност од тимот додека тензиите ескалирале, а извештаите сугерираат дека некои навивачи дури и се качиле во тимскиот автобус.
„Клубот ја разбира фрустрацијата предизвикана од серијата лоши резултати и настапи кои не се во согласност со неговите вредности. Сепак, инцидентите што се случија се неприфатливи. Неколку членови на клубот беа исто така нападнати“, соопшти францускиот клуб.
Тимот објави дека неколкумина играчи и членови на клупскиот персонал биле плукнати кога излегувале од автобусот, па дури и удирани со тупаници. Меѓу потешко повредните се играчите Жереми Бога и Терем Мофи, а спортскиот директор Флоријан Морис, исто така, бил нападнат.
По 14 кола, Ница е десетта на табелата во француската Лига 1, со седум порази, а е последнопласирана на табелата во Лига Европа со пет порази во исто толку натпревари.






