Фуркан го тужи Латас за клевета, на следното рочиште ќе се соочат во судница

Новинарот Фуркан Салиу го тужи новинарот Драган Павловиќ-Латас за навреда и клевета. Адвокатот на Латас бара тужбеното барање да биде одбиено, додека пак, адвокатот на Салиу останува при наводите во тужбата и бара Латас да биде огласен за виновен дека сторил клевета. Целиот процес се покрена откако новинарот Фуркан Салиу беше уапсен на фудбалски натпревар, а во неговото возило било најдено расклопено оружје за кое поседувал дозвола. Во изјава на ТВ Канал 5, Латас кажал: „За мене, многу поголемо дело е носењето пиштол со себе и тоа пиштол со наполнет шаржер…“. За Салиу ова е клевета и бара правна одговорност.

„Останувам при наводите за тужбеното барање. Предлагам по изведување на доказите, тужбеното барање да се усвои“, рече адвокатот на Салиу.

Од друга страна, адвокатот на Латас рече дека неговиот клиент нема никаква вина за навреда и клевета.

„Останувам во целост на наводите и доказите кон одговорот на тужба како и при наводите и доказите кои дополнително беа доставени во текот на расправата. Врз основа на сето наведено, предлагам тужбеното барање на тужителот да биде одбиено како неосновано“, рече адвокатот на Латас.

Судијата Андреј Димовски правеше увид во доказите, меѓу кои беше опомена пред тужба, принт-скринови од објави по медиуми и на сајтот на МВР, наслови од весникот „Вечер“ каде пишува Латас, отпусно писмо од „Жан Митрев“ на тужениот.

На оваа главна расправа, немаше распит на странки. Во судницата беше присутен Салиу, но не и Латас. На следната расправа закажана за нешто повеќе од еден месец, двајцата треба да одговараат на прашањата од бранителите и судот односно да се сослушаат како странки (skopje1)

Back to top button
Close