ФЗО го поскапе „Фостер“ за 300 % а бесплатно нуди замена со нов лек. Пациентите пишуваат петиција

Пумпата за инхалирање „фостер“ која ја користат пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) поскапе од 300 на 1.081 денар во македонските аптеки, пренесе Слободен печат.

Новите цени ги објави Фондот за здравствено осигурување во четвртокот на 18 јуни. Запрашани зошто пациентите во аптека за „фостер“ плаќаат 1.081 денар наместо досегашните 300 од Фондот за „Слободен печат“ велат дека формирањето и одобрувањето на цените на лековите е на Министерството за здравство иако самиот Фонд е одговорен за формирањето на референтните цени.

Но, „фостер“ стана поскап за пациентите откако на пазарот на позитивната листа, влегол генерички лек „блоцета“ што според ФЗОМ е заменски за „фостер“ и за кој пациентите нема да треба да плаќаат доплата. Цената на оригинаторот „фостер“ скокна за пациентите, затоа што ФЗОМ го намали своето учество во покривањето на трошокот за овој лек – односно ја намали референтната цена. Во превод, остана поголема доплата за пациентот.

Од Фондот сметаат дека воведувањето на генерички лек за астма и ХОББ е финансиско олеснување за пациентите.

Но, има пациенти што сакаат да продолжат да го користат стариот лек „фостер“, што компанијата „Провиденс“ го има регистрирано и го увезува во Македонија од италијанскиот производител уште од 2009 година. Тие пациенти за „Слободен печат“ велат дека ќе ги искористат сите законски механизми за реакција.

Една пумпа „фостер“ има 120 дози, а некои покритични пациенти со астма и ХОББ примаат и по 8 дози дневно во почетните фази на нападите. За сите нив досега една доза „фостер“ чинеше 2,5 денари, а од четвртокот истата доза ги чини 10,6 денари.

Оттогаш пациентите турбулентно реагираат на социјалните мрежи објавувајќи фотографии од фискалните сметки со кои биле изненадени во аптеките и подготвуваат официјална претставка до ФЗОМ, до Агенцијата за лекови и до Министерството за здравство со која се бара да се врати старата цена на лекот.

Марија Зафирова, иницијатор на претставката, за „Слободен печат“ го оценува покачувањето на цената на „фостер“ како „нечовечно“ и најавува дека пациентите ќе ги искористат механизмите за реакција. Во нејзиното пишување се вклучиле и правници. И Зафирова и нејзината мајка се дијагностицирани со астма и таа стравува дека финансиското оптоварување од новиот ценовник, за луѓе што имаат приходи од само 20 илјади денари пензија ќе биде преголемо.

Повеќе

Back to top button
Close