ФЗО: Барањето за Леонид Индов е одбиено бидејќи не се работи за лекување во странство, туку за рехабилитација
Барањето за Леонид Индов е одбиено како неосновано, бидејќи не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Оттаму додаваат дека решенијата за остварување на права од задолжително здравствено осигурување на осигурените лица, Фондот ги донесува согласно законските прописи и правилници
Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор.
Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија.
Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот.
Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи“ се наведува во соопштението од Фондот.