ФЗО: Нема излевање на податоци надвор од базите по сајбер-нападот

Техничките тимови на ФЗО даваат приоритет на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и на другите форми на исплата, односно боледувањата, породилното и рефундациите, информираат од Фондот за здравствено осигурување

Нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во сајбер-нападот со кој се справува оваа институција, а се случува непосредно пред планираната миграција на системската инфраструктура, информираат од ФЗО.

Техничките тимови на ФЗО, посочуваат оттаму, приоритет даваат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и на другите форми на исплата, односно боледувањата, породилното и рефундациите.

„Анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер-нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Во интерес на транспаретно и прецизно информирање на јавноста, во најбрз можен рок и штом се утврдат повеќе информации, Фондот навремено ќе информира“,велат од ФЗО.

Оттаму додаваат дека забелешките од ревизорскиот извештај кои беа објавени во текот на денешниот ден од неколку медиуми се однесуваат на 2021 година и по кои Фондот постапува уште од минатата година.

„Конечниот извештај за извршена ревизија на ревизорите од Државниот завод за ревизија, доставен на 23 јануари 2023, односно минатиот месец, укажува дека во текот на 2022 година е отпочната постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци со кои се очекуваше состојбата да биде надмината“,велат од ФЗО.

Јавната набавка, појаснуваат оттаму, е распишана на 30.09.2022 година, додека договорот е склучен на 09.12.2022 година, при што селектираната компанија започнала со работа од 1 јануари 2023.

„Според планот и спецификацијата, првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура требаше да се реализира во текот на оваа недела, кога всушност се случил нападот, а по која би почнала миграцијата на апликативна и податочна инфраструктура“,

информираат од ФЗО.

Back to top button
Close