ФЗО: Реформи во примарната здравствена заштита

Основата на новиот модел на реформите во примарната здравствена заштита е дополнување на променливиот дел од капитацијата преку препознавање, евидентирање и вреднување на работата на избраниот лекар. Овие здравствени услуги избраниот лекар ги дава и сега, но не се препознаени и евидентирани во електронскиот систем со соодветни шифри. Тоа значи дека во моментот новината е само во начинот на евидентирање на здравствените услуги кои лекарите ги вршат. Со новиот модел предвидена е следнава структура на здравствени услуги: основни здравствени услуги, – превентивни цели, следење на хронични болни и здравствени интервенции. За сите овие здравствени услуги ќе се изработат посебни шифрарници, протоколи и упатства.

Ова го соопшти Фондот за здравствено осигурување посочувајќи дека континуирано работи на реформи со цел подобрување на квалитетот на примарната здравствена грижа, како и обезбедување сеопфатна примарна здравствена заштита од страна на здравствените работници на примарно ниво.

Од Фондот истакнуваат дека веќе е изготвена прва верзија на Шифрарникот на основни здравствени услуги, кој е имплементиран во „МојТермин“, со тоа што од 1 јули во електронскиот дневник избраниот лекар ќе ја бележи секоја услуга според шифрата, како и сите податоци согласно Законот за евиденциите од областа на здравството. Секоја здравствена услуга е поврзана со одредена шифра од Шифрарникот и соодветен тежински коефициент. Во пробниот период од три до шест месеци, дадени се предлог коефициенти кои по потреба ќе бидат ревидирани. На тој начин избраните лекари имаат можност да дадат свои предлози за промена или воведување нови здравствени услуги, односно шифри, како и за евентуална промена на тежинските коефициенти, информираат од Фондот.

Во исто време, како што посочуваат, работните групи интензивно работат на изготвување на протоколи за најчестите заболувања, како што се: од дејноста општа медицина – за возрасни лица се предвидени областите – хипертензија, хипотиреоза, дијабет, астма и ХОББ; кај деца предвидени се областите превенција на дебелина кај деца, деформитети на ‘рбетен столб; и од дејноста гинекологија – антенатална грижа, цервикален канцер, семејно планирање.

Претставувањето на предлог – моделот пред избраните лекари, било планирано да се организира во неколку панел дискусии во март, но поради состојбата со пандемијата на коронавирусот, нивното одржување било и поради тоа Лекарската комора, претставувањето на предлог – моделот пред лекарите од дејноста општа медицина го организирала преку платформата Zoom од 29 јуни до 3 јули. Со овие трибини, наведуваат од Фондот, се отвора процес на целосно вклучување на избраните лекари во подобрување на квалитетот на примарната здравствена заштита и ги охрабруваме сите избрани лекари со свои стручни мислења, предлози и сугестии активно да се вклучат во процесот.

Резултатите од реформите, посочуваат од Фондот, водат кон: подобрување на превентивата на примарно ниво на здравствена заштита; дефинирање и примена на стандарди за обезбедување услуги согласно медицина базирана на докази – изготвување упатства и протоколи; поттикнување на вложувањето во технички, материјални и човечки ресурси; поттикнување на справување со одредени состојби на примарно ниво и намалување на степенот на упатување кон повисоко ниво на здравствена заштита; поголем број лекари од општа пракса кои ќе имаат специјализација по семејна медицина; поттикнување на реализација на одредени здравствени услуги од страна на медицинските сестри и олеснување на административната работа.

Носители на процесот на спроведување на реформите во примарната здравствена заштита се Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и стручната фела. Процесот е поддржан од Светската здравствена организација, како и според препораки од претходни истражувања и процеси спроведени од страна на глобални агенции и домашни организации (Светската банка, УНФПА, ХЕРА итн.)

Подготовката и процесот за реформите во примарната здравствена заштита се почнати од крајот на 2018 година. Стручни дискусии на предлог – моделот се почнати во октомври 2019 година со министерот за здравство и директорите на Фондот. Во месец ноември 2019 година предлог – моделот е дискутиран со претставници на Лекарска комора, ЗПРЛМ, Здружение на лекари по семејна медицина, Здружение на лекари Албанци, Катедрата по семејна медицина, Здружение на приватни гинеколози – акушери итн. Дополнително следеа консултации со претставници на СЗО и Светска банка, а текот на реформите во ПЗЗ е презентиран пред поширокиот аудиториум на Здравствениот форум 2020, информираат од Фондот и потенцираат дека реформата не почнува од 1 јули 2020 година, туку на неа се работи од крајот на 2018 година, а дискутиран е повеќе пати пред избраните претставници на сите здруженија на лекарите од примарна здравствена заштита.

Во креирање на моделот на реформите се вклучени 89 претставници од 20 институции и организации од кои 35 се избрани лекари. За таа цел формирани се повеќе работни групи кои се координирани од надзорна група и работат од крајот на ноември 2019 година. Членовите на работните групи се назначени од министерот за здравство, на предлог на Лекарската комора, ЗПРЛМ, Здружение на лекари по семејна медицина, Здружение на лекари Албанци, Здружение на приватни гинеколози – акушери, Катедрата по семејна медицина, универзитетските клиники, Комора на здравствени работници, Министерство за здравство, МојТермин, Фондот и националниот координатор на СЗО, стои во соопштението од Фондот за здравствено осигурување.

Back to top button
Close