ФЗО за истрагата поврзана со измами со т.н. „брзи кредити”: Ја поддржуваме работата на надлежните институции и ги обезбедуваме сите потребни информации за спроведување на истрагата.

Соопштение на Фондот за здравствено осигурување

Во врска со објавата на Јавното обвинителство на Република Македонија за започнување истрага поврзана со измами со т.н. „брзи кредити”, како и поведувањето на кривична постапка против едно службено лице во рамки на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, информираме дека Фондот во целост ја поддржува работата на надлежните институции и ги обезбедуваше сите потребни информации за спроведување на истрагата.

Кривичните дела кои се предмет на постапката – Фалсификување исправа (член 378), Злоупотреба на лични податоци (член 149) и Компјутерска измама (член 251-б) од Кривичниот законик – се сериозни прекршувања на законот и претставуваат загрозување на довербата во јавните институции.

Фондот за здравствено осигурување ја изразува својата решителна заложба за нулта толеранција кон какви било облици на криминално однесување, вклучително и во сопствените редови.

Истовремено, би сакале да ја информираме јавноста дека Фондот веќе има преземено серија мерки за зголемување на безбедносните стандарди, со посебен фокус на заштитата на личните податоци и унапредување на ИТ безбедноста. Сигурноста на граѓаните и нивните податоци останува врвен приоритет.

Овој изолиран случај нема да влијае врз угледот и професионалноста на институцијата. Напротив, решителноста да се расчисти со ваквите појави претставува доказ за нашата посветеност на транспарентност, интегритет и професионална етика.

Фондот за здравствено осигурување и понатаму ќе соработува целосно со органите на прогон и ги поддржува напорите за целосно разоткривање и санкционирање на сите лица вклучени во овие противправни дејствија.

Back to top button
Close