ФЗОРСМ: Комуникацијата е повторно воспоставена, матичните лекари можат да пропишуваат лекови
Фондот за здравствено осигурување информира дека е направена анализа и утврдено е дека почнувајќи од вчера, во доцните попладневни часови, до денеска во раните утрински часови, податочната комуникација која оди од „Мој термин“ кон ФЗОРСМ била прекината и со тоа била оневозможена валидацијата за пропишување рецепти и реализацијата на лекови.
-Комуникацијата е повторно воспоставена и матичните лекари непречено можат да пропишуваат лекови што осигурениците без проблеми ќе можат да ги реализираат во аптеките, се вели во соопштението.
Од Фондот за здравствено осигурување посочуваат дека се отворени за сите проблеми со кои се соочуваат чинителите во здравствениот систем и за нивно навремено решавање со крајна цел осигурениците во секој момент да можат непречено да ги остваруваат правата од здравственото осигурување.