Г-7 со заедничка осуда за Белорусија и инцидентот со патничкиот авион
Земјите од групата Г-7 економски најразвиени демократии ги осуди акциите на Белорусија околу инцидентот со патничкиот авион кој од властите на земјата беше принуден да слета за да го уапсат новинарот Роман Протасевич и неговата соопатничка Софија Сопега, кои се наоѓале на тој лет.
-Оваа постапка ја стави под закана безбедноста на патниците и екипажот на авионот. Исто така, тоа беше сериозно погазување на правилата со кои се регулира граѓанската авијација, се вели соопштението испратено денеска од американскиот Стејт департмент.
Потписници на заедничката изјава се министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Држави.
Од Стејт департментот укажуваат дека „сите земји и нашите граѓани зависат од тоа дали секоја земја ги исполнува одговорно обврските од Чикашката конвенција за безбедно управување со патничките воздухоплови“. Групата Г-7 ја повика Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) веднаш да преземе акции оради тоа што беа предизвикани нејзините правила и стандарди.
-Оваа акција исто така претставува сериозен напад на слободата на медиумите. Бараме итно и безузловно ослободувањена Роман Протасевич, како сите други новинари и политички затвореници во Белорусија.
Од Г-7 истакнаа дека ги засилуваат напорите, вклучително и со дополнителни санкции, белоруските власти да понесат одговорност за нивнита постапки.