Габард: САД и Израел имаат различни воени цели во Иран


Директорката на американското Национално разузнавање, Тулси Габард, денеска пред Комисијата за разузнавање при Претставничкиот дом на Конгресот изјави дека стратешките цели на САД и на Израел во воената кампања против Иран не се идентични, откривајќи ги внатрешните разлики меѓу двајцата сојузници.

– Целите зацртани од претседателот Доналд Трамп се разликуваат од оние на израелската влада – нагласи Габард за време на двоиполчасовното сослушување.

Според неа, досегашните операции покажуваат дека израелските сили се примарно фокусирани на „неутрализирање“ на иранското државно раководство. Наспроти тоа, претседателот Трамп јасно дефинираше дека неговите цели се уништување на иранските капацитети за лансирање и производство на балистички ракети, како и целосна неутрализација на иранската морнарица. Ваквите тврдења беа поддржани и од министерот за одбрана Пит Хегсет, кој повтори дека американската стратегија „Америка на прво место“ останува непроменета од почетокот на нападите.

Разидувањето меѓу сојузниците стана очигледно по израелскиот напад врз гасното наоѓалиште „Јужен Парс“, за кој Трамп преку социјалните мрежи призна дека Вашингтон „не знаел ништо“. Овој напад предизвика иранска одмазда врз енергетската инфраструктура во Катар, по што Трамп интервенираше со порака дека Израел нема повторно да го гаѓа тоа наоѓалиште, освен ако Иран не продолжи со агресијата врз Катар. На прашањето од конгресменот Хоакин Кастро за тоа зошто Израел го игнорирал повикот на Трамп да се поштедат енергетските објекти, Габард одговори дека за таквата одлука нема официјално објаснување.

Дополнителна конфузија во јавноста предизвикуваат и противречните сигнали од администрацијата во врска со иранската нуклеарна програма. Додека некои функционери тврдат дека Иран е на недели до создавање нуклеарно оружје, самиот Трамп претходно изјави дека програмата била уништена уште минатото лето.

Габард потврди дека американското разузнавање со „висок степен на увереност“ ги знае локациите каде Иран ги чува залихите на збогатен ураниум, но одби да дискутира дали САД имаат капацитет да ги уништат.

Сослушувањето на Габард во Претставничкиот дом доаѓа еден ден откако таа, директорот на ЦИА Џон Ратклиф и други раководители на американските разузнавачки агенции сведочеа пред Комитетот за разузнавање на Сенатот.

На двете сослушувања, Габард беше прашана дали верува дека Иран претставува „непосредна“ закана за Соединетите Американски Држави што би ги оправдала воздушните напади на САД и Израел што започнаа на 28 февруари.

Директорот на Центарот за борба против тероризмот на САД, Џозеф Кент, стана првиот висок функционер во администрацијата на Трамп кој поднесе оставка поради војната со Иран, велејќи дека Иран не претставува непосредна закана за САД.

Габард на двете сослушувања нагласи дека само претседателот Трамп има овластување да утврди дали Соединетите Американски Држави се соочуваат со непосредна закана. сс

Back to top button
Close