Габер: Ги исполнивме барања, сега е време да добиеме фер исход – тоа е важно и за Северна Македонија, и за регионот, и за ЕУ

Политиката на проширување е најдобрата алатка за демократско консолидирање, поттикнување на сложени реформи и зајакнување на слободите и основните права, меѓутоа нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на Европската Унија, изјави денеска државната секретарка со Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер на Конференцијата посветена на Западниот Балкан и ЕУ во Вилнус, организирана од Комисијата за европски прашања во Парламентот на Литванија.

– Патот на Северна Македонија кон ЕУ отсекогаш бил трнлив, но актуелната состојба наметнува предизвици и на страната на ЕУ и нејзиниот капацитет да ги спроведува своите одлуки. Преку посветеноста на европската агенда и исполнувањето на условите од Брисел, инвестиравме енергија за европеизација на општеството, но и политички капитал. Меѓутоа ослабената перспектива за европска интеграција предизвикана со повторниот застој во процесот покажува дека неисполнетите ветувања на ЕУ имаат реперкусии врз стабилноста и просперитетот, нагласи Габер во обраќањето на панелот „Западен Балкан – статус кво и клучни предизвици“.

Таа нагласи дела ветото на Бугарија не го блокира само патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ, туку и европските политики во регионот и ги поткопува кредибилитет на Унијата и довербата на јавноста.

– Дури и земјите кои имаат најстрог пристап кон процесот на пристапување во ЕУ не се сомневаат дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле сите услови за почеток на пристапните преговори. Клучниот предизвик е на страната на ЕУ, да докаже дека е навистина Унија заснована на вредности и има сила да ги исполни своите одлуки – сите други алтернативи се навистина поскапи за двете страни, додаде Габер.

Таа потенцира дека стартот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија е пресудно за обнова на европскиот моментум во регионот, како и прашање кое е подеднакво важно и за регионот и за Европската Унија.

– Не се работи само за интересот на регионот, европската иднина на Западниот Балкан е геостратешка инвестиција за ЕУ, бидејќи ако ЕУ сака да биде глобален играч, прво треба да стане локален играч – регионот е дел од Европа. Западниот Балкан е клучен за зајакнување на закрепнувањето, издржливоста и стратешката автономија на Европа, како и нејзиниот идентитет – врз основа на заедничките цивилизациски, историски и културни вредности. Европската унија не е целосна без овој регион и овој регион никогаш нема да се обедини без европскиот наратив, истакна Габер.

Според неа, двете страни на равенката имаат одговорност за овој процес да успее да обезбеди заедничка европска иднина.

– За зајакнување на меѓусебната доверба, потребна е поблиска интеграција и ЕУ треба да најде начин постепено да ги вклучи земјите од Западен Балкан во сопственото стратешко планирање, со што ќе ги развие и сопствените способности за справување со предизвици и издржливоста во време на кризи, заклучи Габер.

Како што информираше СЕП, настанот се организираше како израз на континуираната и видлива поддршка од страна на Литванија за европската интеграција на регионот во ЕУ, при што дискусијата се фокусираше на надминувањето на актуелните предизвици со цел заокружување на визијата за градење заедничка европска иднина заснована на споделени вредности и стратешки интереси.

На панел-дискусијата се обратија и албанската заменик министерка за Европа и надворешни работи Меги Фино, српскиот пратеник Илија Матејиќ и хрватскиот пратеник и поранешен шеф на дипломатијата Давор Иво Штиер, кои заедно со литванските домаќини испорачаа силна порака за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Како израз на посветеноста на Литванија за надминување на пречките на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, за време на посетата на Вилнус, државната секретарка Габер оствари средби со одговорната за ЕУ прашања во Министерството за надворешни работи на Литванија, Далиа Сукакиене и со претседавач со Комитетот за надворешни работи на литванскиот Парламент, пратеникот Жигимантас Павилионис.

Back to top button
Close