ГАК: Обдукцијата покажа дека нема физичка повреда на органите кај новороденчето, причина за смртта е незрелост на белодробието

Скопската Клиника за гинекологија каде почина новороденче денеска преку соопштение до медиумите информира дека обдукцијата покажала дека нема физичка повреда на било кој од органите и дека причина за смртта е респираторна инсуфициенција на респираторниот стрес синдром односно незрелост на белодробието.

– По добивањето на резултатот од страна на Клиниката, семејството е уредно повикано со цел лично да бидат информирани за сите деталите од наодот. За понатамошниот тек на случајот Министерството за здравство формираше стручна комисија со цел целосно расчистување на случајот и лоцирање на евентуални неправиности во лекувањето на новороденото. Согласно заклучокот, Клиниката ќе постапи по сите правни процедури пропишани за евентуално поведување на дисциплинска постапка во рамките на дозволениот временски рок. Како установа изразуваме длабока жалост, а воедно сочувствуваме со болката и загубата на семејството. Вработените на ГАК секојдневно се борат за животите на многу деца, но за жал се случуваат и загуби кои ги доживуваме не само како професионална, туку и емотивна загуба, стои во информацијата од ГАК.

Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција рече дека веќе е формирана стручната комисија и замоли да се почитуваат процедурите и да се причекаат извештаите од сите институции пред да се носи каков било заклучок.

Back to top button
Close