ГАЛЕРИЈА: Историјата на „срцето како симбол на љубовта“

Познат ширум целиот свет како симбол на љубовта, обликот на срцето низ вековите не секогаш бил ист, па како и неговата симболика – еволуирал. Идеограмот налик буквата V со заоблени и задебелени врвови – е речиси константа во денешните преписки, креативноста, уметноста, во спортот, општо – во севкупниот современ живот… Тоа, всушност, е и еден од најчесто користените емотикони во интернет-разговорите, и тоа не само како знак за романтичната љубов. Но, како и кога се појавил овој денес сеприсутен симбол? ❤

Денешното „срце на љубовта“, имено, билo користенo во декоративната уметност и во древните општества. Во таа смисла, еден од најстарите примери е приврзок датиран во II или I век пр.н.е., пронајден во долината Инд во Индија, со рељефен лист од смоква – во облик на срце. Бршленот, листот од смоква и водениот божур долго време се користат во уметноста, верската симболика, хералдиката. Бршленот често се користи како симбол на верност, па можеби ова растение така и придонело за конечното, денешно значење на срцето како симбол на љубовта.

Речиси совршено срце, изработено од слонова коска, во Ахеменидска Персија (VI – IV век пр.н.е.), се чува во францускиот Музеј „Лувр“ во Париз. Овој геометриски облик или идеограм можеби го немал денешното значење и симболика, но овие два примера досега посочуваат дека географскиот облик на срцето потекнува од раните индоевропски народи.

Натаму, друга „ботаничка“ теорија ја опишува Сирена – град-држава во Северна Африка (на подрачјето на денешна Либија) – во V век пр.н.е. позната по производството на силфион, којшто се употребувал во готвењето и медицината. Дури и нивните монети биле украсени со мешунки од семе во облик на срце. Се верува дека токму контрацептивното својство на силфионот и поврзаноста со сексот можеби предизвикала овој облик да ја добие денешната симболика.

Некои истражувачи претпоставуваат дека заоблената V е стилизиран приказ на човековата анатомија, што го претставува круглиот облик на градите, задникот или гениталиите, пишува порталот „Арт енд обџект“ (Art&Object). А пак, други теоретизираат дека тој симбол е инспириран од древните филозофи кои верувале дека човековото срце е средиште на душата и емоциите, а и римскиот лекар Гален – таткото на медицината од II и III век, кој го опишал срцето како орган со три комори во облик на шишарка, секако, бил меѓу нив.

Со текот на времето, обликот на срце станувал сѐ позастапен во уметноста, но не добил силна врска со љубовта сè до XIII век. Средновековниот концепт на „дворската љубов“ и додворувањето довел до бројни уметнички прикази што ја слават љубовта, каде што и „срцето на љубовта“ се јавува како симбол. Така, првото познато такво срце се јавува во слика во францускиот ракопис од 1250-тите – „Роман за крушката“ (Roman de la poire), во којшто млад човек на колена ѝ го подарува своето срце на својата љубов… Но, до XIV – XV век, срцето обично било прикажувано наопаку, кога полека го добива денешниот облик и денешната симоболика, се наведува.

Католичката црква ја посочува Света Маргарет Мари Алакок и нејзиниот приказ на „Светото срце на Исус“ од 1673 година, како прво „срце на љубовта“, но тоа тврдење, се чини, не важи, оти тој идеограм веќе бил во употреба од претходно. Сепак, честите прикази на оваа срцето и во црковни содржини, неспорно, помогнале во неговото распространување во европската култура.

Најраните примери во хералдиката се јавуваат во XII век, во Данска, северна Германија, Шкотска. Некои од најраните примери се печатот што му се припишува на шкотскиот лорд Вилијам од Даглас (од 1333 година) чијшто орнамент со облик на срце, се нарекува „Срцето на Роберт Брус“, како и грбот на Кнежевството Линебург, којшто му припаѓал на лордот Вилхелм од Линебург (почеток на XIII век).

Распространувањето и популаризацијата на Денот на вљубените, инаку востановен во 496 година во Стариот Рим, во чест на светецот-маченик Свети Валентин кој им помагал на вљубените и извршувал тајни венчавки и бракови, подоцна помогнале во уште поголемото прифаќање на „срцето на љубовта“. Се цртале петолинија и се пишувале ноти во облик на срце… Во XVII век, се јавил и трендот со љубовни писма и пораки, честопати украсени со црвени срца. Околу два века подоцна, Викторијанска Британија и опсесијата со такви писма, просто, го претвориле Денот на вљубените во уметничка екстраваганција украсена со срца – обичај што современите компании за честитки и другите комерцијални друштва го продолжуваат и денес.

Препознатливата сликичка со црвено срце (но и во други бои) сега се користи и за броење на „животите“ во видеоигрите, а во интернет-преписките е неизбежна нијансирана емоција. Иако потеклото на овој симбол останува неутврдено, како што неговото значење се менувало низ вековите – веројатно и ќе продолжи да еволуира, исто како што се развиваат и нашите емоции, јазици и светот воопшто.

Back to top button
Close