ГАЛЕРИЈА: Највредните фрески во историјата на уметноста (втор дел

Фрескопис (фреска) е техника на сликање со земјени бои (природни пигменти) растворени во вода врз влажен малтер, направен од ситен речен песок, гасена вар и насечена слама, коноп или козји влакна. Таа е една од најстарите и најтрајните сликарски техники, најотпорна на временската ерозија.

Зборот фреска е изведен од италијанската придавка фреско што значи „свежа“. Потеклото на оваа уникатна форма на уметност може да се проследи уште во антиката. Сепак, најславните фрески биле создадени за време на ренесансата од мајстори како Рафаел, Микеланџело и Леонардо да Винчи.

Но, како точно еволуирала оваа навидум едноставна техника на цртање и кои се најпознатите фрески во историјата?

Фреската во израелскиот музеј

Израелскиот музеј чува извонредно парче од историјата, фрагментирана ѕидна фреска извадена од опатија од 12 век, насликана за време на крстоносните војни.

Тоа е најголемата слика некогаш најдена од археолошко ископување во Израел и прикажува сцена со Исус како седи во центарот, Марија е од неговата десна страна и Јован Крстител од лева.

 

Фреските во црквата „Бојана

Црквата „Бојана“ близу Софија во Бугарија е светски позната по средновековните фрески.

Тие датираат главно од 11 и 12 век, но ниту еден уметник не се пријавил како автор на делата. Наместо тоа, името „Мајсторите на Бојана“ го означува тимот од непознати уметници кои ја фрескоживописале црквата.

 

Фреските во капелата Скровењи

Капелата Скровењи во Падова, Италија – дел од Musei Civici di Padova – содржи циклус на фрески од италијанскиот уметник Џото, завршени околу 1305 година.

Овие фрески го означуваат почетокот на револуцијата во муралното сликарство и влијаеле на техниката, стилот и содржината на фрескописот цел еден век.

 

Фреска „Бегството во Египет

Највредните елементи на делото на Џото се циклусите што ги прикажуваат „Животот на Христос“ и „Животот на Богородица“.

На сликата е панелот на кој е прикажан „Бегството во Египет“.

 

Фреска на Светите Троица

Посетителите на доминиканската црква Санта Марија Новела во Фиренца, Италија, можат да се восхитуваат на фреската позната како „Света Троица“ од Масачо.

Веројатно завршена во 1427 година, фреската претставува одличен пример за сликарство од раната ренесанса, при што самиот Масачо е познат по радикалното трансформирање на фирентинското сликарство.

 

Фреска „Благовештение

Доминиканскиот монах и италијанскиот уметник Фра Анџелико го насликал „Благовештението“ помеѓу 1440 и 1445 година.

Тоа е една од 50-те фрески пронајдени во манастирот Сан Марко во Фиренца.

 

Фреска „Мадона дел Парто“

„Мадона дел Парто“ на Пјеро дела Франческа од 1460 година е најпознатата фреска на која е прикажана Дева Марија како бремена.

Фреската е изложена во Музејот на Монтерчи, во италијанската провинција Арецо.

 

Фреска „Тајната вечера“

„Тајната вечера“ е една од најпрепознатливите слики во западниот свет и се вбројува меѓу најславните достигнувања на Леонардо да Винчи.

Завршена во 1498 година, се наоѓа во манастирот Санта Марија дел Грацие во Милано, Италија.

 

Фреските во Систинската капела

Веројатно најпознатите фрески во светот се оние што ја украсуваат внатрешноста на Систинската капела во Апостолската палата во Ватикан.

Нарачани од папата Јулиј, фреските биле насликани од Микеланџело помеѓу 1508 и 1512 година.

 

Извор: мсн

Превод: Марта Стевковска

Back to top button
Close