(ГАЛЕРИЈА) Пораки од „Маршот за ангелите“: Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива. Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите

Маршот започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде учесниците ќе се упатат кон Собранието, а завршницата ќе биде пред Основниот кривичен суд.

Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по неколкунеделните саботни собири што ги организираа родителите во Кочани. Нивната порака и натаму силно одекнува: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“. Родителите се надеваат на масовно присуство, нагласувајќи дека нема да се откажат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.



Организаторите претходно порачаа – „Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно и да покажеме дека болката не нè скршила, а борбата за вистинска правда продолжува.“
Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија дека ќе преземат сите неопходни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Првото рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Повеќе фотографии во галеријата











