Галерија: Промоција на “Ex voto” од Соња Здравковска Андоновиќ

Синоќа, во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје пред бројна читателска публика се одржа промоцијата на новата поетска збирка „Ex Voto“ на поетесата Соња Здравковска Андоновиќ.

Делото го промовираше професорката Ана Мартиновска.

Соња Здравковска Андоновиќ е родена на 5.3.1972 година, во Битола. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик во 1996 година. Завршила магистерски студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година.

Таа работи како професорка по македонски јазик и литература во средно образование од 1996 година. Пишува поезија од најрана возраст. Во наставата, своите ученици несебично ги запознава со убавините на пишаниот збор, но и со убавината на македонскиот јазик.

Во продолжение мал дел од песните на Здравковска – Андоновиќ кои се дел од стихозбирката:

 

САКАЈ СЕ

Сакам,

да го прегрнам,

болниот,

сакатиот,

алчниот,

себичниот,

злобниот,

завидливиот,

и да му кажам,

сакај се!

 

НАЈСОВРШЕН РОД

Ех, да сум човек,

слободен,

без име и презиме.

Или да сум птица,

еден ден,

само еден ден,

за да можам

да ги прелетам височините,

да ми се чинат возможни.

Да сум облак,

сив, бел и црн

па да можам,

од висини високо

да го видам овој свет.

И да сум ѕвезда,

сјајна,

на небото широко,

за да можам

силно да светам

над мојот дом.

Да сум камен,

во река,

еден ден, само еден ден!

За да можам

и бранови речни

да понесам

и струни да однесам.

И да сум бран,

еден ден

само еден ден!

Па, да можам,

од далечини длабоки

да запловам

низ морето.

 

Ех, да може!

А, јас сум само

човек недостоен,

закотвен,

во векот човечки

меѓу асфалтот и бетонот

меѓу има и нема

меѓу ние и вие

меѓу јас и ти.

И не сум,

ни камен

ни птица

ни облак

ниту ѕвезда.

А, некој рече,

најсовршен род

сме биле!

Back to top button
Close