Галетановски до Левица: Не ги фолирајте граѓаните, Скопјани памтат што направивме во ЗОО

Поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје, Ѓорѓи Галетановски, преку објава на социјалните мрежи одговори на критиките и обвинувањата упатени кон него од партијата Левица, порачувајќи дека граѓаните добро паметат што било направено во периодот додека тој раководел со установата.

 

Во својата реакција, Галетановски направи осврт на проектите реализирани за време на неговиот тригодишен мандат, наведувајќи дека тогаш биле изградени нови живеалишта за фламинга и пингвини, како и дека во Зоолошката градина биле донесени повеќе нови видови животни, меѓу кои бели лавови, бели волци, зебри и други ретки животни и птици.

Тој посочи дека во тој период биле проширени и подобрени живеалиштата за слоновите и шимпанзата, а со поддршка од спонзори биле реализирани и капитални проекти како изградба на бетонска ограда и тропска куќа. Според него, биле обновени околу половина од постојните живеалишта и бил поставен современ систем за видеонадзор кој ја покривал целата Зоолошка градина.

 

Галетановски се осврна и на Дино паркот, оценувајќи дека тој бил една од најуспешните содржини во рамки на ЗОО Скопје и голема атракција за децата од Македонија и регионот. Како што наведе, инвестицијата била брзо исплатена преку приходите од посетителите и поддршката од спонзорите.

 

„Скопјани памтат дека секоја недела имаше по 10.000 среќни посетители. Паметат и задоволни вработени, за кои лично се изборив платите да им бидат зголемени уште на почетокот од мојот мандат“, напиша Галетановски.

Во објавата тој упати критики и кон Левица, обвинувајќи ја партијата за, како што наведе, деструктивен пристап во политиката и фокус исклучиво на освојување власт.

 

„Ние, за разлика од вас, не молчевме кога скопјани остануваа без јавен превоз и не бевме неми набљудувачи на проблемите во градот“, порача тој.

 

На крајот од својата реакција, Галетановски нагласи дека никогаш не се срамел од работата што ја вршел надвор од политиката и дека професионално се остварувал и во приватниот сектор.

 

„Да, работев во угостителството и како менаџер за да обезбедам подобар живот за себе и моето семејство. Не се срамам од ниту едно работно место. Без функција можам да работам сè, но без Скопје – не можам“, напиша Галетановски.

 

Неговата реакција следува по јавната преписка и меѓусебните обвинувања меѓу него и претставници на Левица во изминатиот период.

Back to top button
Close