Галетановски со опомена пред тужба до Попова: Да се извини јавно за 24 часа
Тужба за нарушен углед и изнесени лаги и клевети најави в.д директорот на ЈУ Зоолошка градина Скопје, Ѓорѓи Галетановски, доколку во следните 24 часа не добие јавно извинување и повлекување на изјавата од страна на советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова.
„Барам јавно извинување и повлекување на изјавата од советничката Ирена Попова која изнесе невистини за мене. Ниту сум бил таму, ниту ме претресле, ниту пак МВР нешто крие. Со оваа опомена пред тужба, сакам да помогнам во борбата против лажни вести и клевети кои одредени поединци ги шират за институции, граѓани и одговорни лица – вели Галетановски.
Во соопштение до медиумите Галетановски информира, дека во изјавата дадена на 18.08.2020 година, советничката Попова ги изнесува следните невистинити факти:
„Дали во присуство на директорот на ЈП „Улици и Патишта“ бил и директорот на скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски Чомбе? Каква е улогата на Чомбе и дали и тој бил претресен за поседување дрога? Што уште треба да се случи Шилегов да поднесе оставка, кога двајца негови директори се вмешани во огромен скандал? Дали е вршено притисок врз полицијата да се преиначи делото од продажба на наркотици во поседување наркотици за лична употреба? Дали МВР се замолчува под налетот на партиските јурушници на Заев? Зошто институциите се ставаат во заштита на криминалци, но и зошто се ставаат во раце на криминалци?“
Со вака изнесените лаги, се вели во соопштението до медиумите, пред целокупната македонската јавност, покрај тоа што советничката Ирена Попова директно нападна државна институција надлежна за безбедноста на граѓаните.
„Исто така нанесе навреда и клевета, како и ненадоместлива штета на честа и угледот на в.д. директорот на ЈУ Зоолошка градина Скопје, Ѓорѓи Галетановски – се вели во соопштението на Галетановски испратено до медиумите.