„Гама солар“ чекаше три месеци за лиценците, а не три дена – велат од РКЕ по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Од Регулаторната комисија за енергетика, во детали објаснуваат како споменатата „Гама солар“ ги обезбедила лиценците и велат дека целиот процес траел околу три месеци
Во текот на 2022 и 2023 година Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) има издадено лиценци за фотоволтаични централи со вкупен инсталиран капацитет од 551 MW, што придонело до се намали увозот на струја на историски 2,75 % и да се прошири евтината тарифа. Со овие зборови почнува реакцијата на РКЕ на дел од денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, на која владејачката партија обвини дека фирмата „Гама солар“ добила лиценца за изградба на фотоволтаична централа од регулаторот за само три дена.
Од РКЕ прво велат дека процесот е сложен и дека вообичаено вклучува неколку фази и лиценци.
„Со оглед на тоа дека станува збор за исклучително витален сектор, РКЕ за секоја поднесена лиценца детално ја скенира финасиски – енергетската состојбата при издавање на било која од трите лиценци за привремена и пробна работа, како и за издавање на конечна лиценца. Овие три фази на лиценци се неоподни во најголем број од случаите со кои се обезбедува сигурност, стабилност при влез на електроенергетскиот пазар и истиот импровизации не трпи“соопштија од Регулаторната комисија за енергетика.
Таков процес на лиценцирање, велат од РКЕ, поминала и фирмата „Гама солар“. И тоа, според датуми:
„Конкретно, за посочената компанија, во РКЕ е пристигнато барање за привремена лиценца на 26 мај 2023, а истата е одобрена по исполнување на пропишани критеруми на 10 јули 2023 (за 45 дена). Барање за пробна лиценца е доставено на 22 ноември 2023 година, а е издадено на 11 декември 2023 година (скоро за 20 дена). Барањето за издавање на (конечна) лиценца е поднесено на 24 јуни, и по исполнување на условите е добиена на 11 јули (две и пол недели). Гама солар за скоро три месеци се има стекнато со потребните лиценци од кога има поднесено барање“.
Претходно денеска, ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која обвинија дека сопственикот на агенцијата „Рејтинг“, Никола Спасов, станал сопственик на фирмата „Гама Солар“ која за само три дена добила лиценца за изградба на фотоволтаична централа. Но, тоа беше само дел од нападот кон Спасов на владејачката партија. Претходно, објавија дека во изминатите години агенцијата „Рејтинг“ добила тендери во висина од околу 900 000 евра од локални и државни институции, нарекувајќи го тоа „испумпување на пари“.