Ганиу: Чаир не е ни меѓу петте општини во Скопје по број на дивоградби, институциите да постапат ако има нешто незаконско
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска излезе на прес-конференција првпат откако скопската градоначалничка Данела Арсовска минатата недела направи обиколка низ Чаир, обвинувајќи дека општината „врие“ од нелегално изградени објекти чиј број, според неа, достигнува и над 150.

Во своја одбрана, Ганиу рече дека не е коректно во Чаир да се лоцираат сите дивоградби кога, како што рече, пет или шест општини во Скопје имаат поголем број дивоизградени објекти во однос на општината со која раководи.
„Замислете сите дивоградби да ги барате во Чаир, во 3 000 квадратни метри, мислам дека не е коректно. Никогаш не сум сакал да се споредувам со други општини, но Чаир не е ни петта ни шеста општина во Скопје по бројот на дивоградби. Водат други општини, а на ниво на државата можеби го поминуваме бројот над половина од сите 81 општина. Значи, ова е шоу што го прави градоначалничката“,рече Ганиу на денешната прес-конференција.
Додаде ако постојат некакви нерегуларности, должни да постапат се иснтитуциите, а не скопската градоначалничка која, како што рече Ганиу, деновиве влегува во улога на истражен орган. Дементира дека објекти се градат на државно земјиште, како што обвинува Арсовска.
„Не е точно (дека се узурпира државно земјиште). И да сакаме, не можеме да узурпираме, немаме место во Чаир“,рече чаирскиот градоначалник.
Ганиу оцени оти Арсовска станала инструмент во рацете на неколку моќници од опозициската ДУИ. Конкретно, ги спомена ексминистерот за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот градоначалник на Сарај и актуелен пратеник Блерим Беџети, за кои рече дека се кријат зад скопската градоначалничка.
Чаирскиот градоначалник ги демантира обвининувањата на Арсовска оти Општина Чаир има долг од седум милиони евра кон ЈП „Комунална хигиена“ и кон Градот Скопје. Рече дека ако нависнтина постои долг, тогаш треба да биде покрената соодветна постапка за случајот да се реши на суд.
Прашан за синоќешниот упад пред просториите на Град Скопје, кога со група граѓани истури смет пред канцелариите на градоначалничката Арсовска, Ганиу вели:
„Знам дека е противзаконски, но немав друго чаре, немав како да пристапам. Сакав да им укажам дека чаршијата е наше богатство, не е на Чаир, туку на Скопје, на нашата држава.“
Во оваа смисла чаирскиот градоначалник уште еднаш посочи дека граѓаните на општината се изложени на ризик од зарази бидејќи отпадот не се собира од надлежните во „Комунална хигиена“.