Ганиу и Меџити открија споменик кај Бит-пазар за настаните во 1992 година

Градоначалникот на Чаир рече дека низ архива и сведоштва, кои наскоро ќе бидат објавени во публикација под име „Вистината за настаните – Бит-пазар 1992“ подлабоко и пообјективно ќе се разбере што се случуваше за време на тој инцидент

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, придружуван од вицепремиерот Изет Меџити, денеска на мостот кај Бит-пазар на мала свечена церемонија откри спомен-обележје за жртвите во инцидентите на 6 ноември на ова место во 1992 година.

Ганиу беше единствениот кој се обрати пред медиумите, додека Меџити разговараше со членови на семејствата на починатите.

„Со почит и одговорност сме собрани на ова симболично место кај мостот на Бит-пазар, за да поставиме спомен-плоча која не е само камен-меморијал, туку глас на нашата колективна свест за еден од најболните настани во нашата понова историја. Трагичниот настан на 6 и 7 ноември 1992 година, кога невини граѓани беа убиени, повредени и нечовечки мачени, претставува незаздравена рана за нашето општество. Она што се случи во тие денови останува тежок и контроверзен момент во нашата историја“,рече Ганиу.

Тој дополни дека низ архива и сведоштва, кои наскоро ќе бидат објавени во публикација под име „Вистината за настаните – Бит-пазар 1992“ подлабоко и пообјективно ќе се разбере што се случуваше за време на тој инцидент.

Ганиу изрази благодарност до семејствата поради кои рече дека одбележувањето се случуваше денеска, а не во ноември.

„Изразувам длабока благодарност до семејствата на четирите жртви кои денес се тука за да ја споделат со нас болката. Но и за да ја осветлат вистината. Исто така, изразувам почит до сите кои во тие мрачни денови се соочија со насилство, притвори и понижувања само затоа што бараат достоинство и еднаквост. На ова место го подигаме гласот како морална обврска на секој од нас. Оваа спомен-плоча е тивка, но врежана со болка, правда и свесност“,рече Висар Ганиу.

Тој ги отфрли дилемите што во иднина може да се наметнат, односно дали добил дозвола од Град Скопје.

„Сите дозволи за овој вид споменик требаше да се дадат од Општина Чаир и сите процедури се поминати и на крај едногласно и Советот изгласа за да се стави оваа спомен-плоча“,потенцираше Ганиу.

Во 1992 година во овој инцидент кој до денес различно се толкува, загинаа четворица Албанци. Се тврдеше дека некои од нив воопшто не биле државјани на Македонија.

Сѐ започна со акција за отстранување на продавачи на петарди, а кулминираше со нереди, каменувани автобуси и барикади кај Бит-пазар.

 

Back to top button
Close