Гардијан“: Ова се санкции со кои ЕУ го казнува Путин

Иако лидерите на ЕУ во текот на денот ќе објават кои поединци и компании поврзани со Русија се на списокот на санкционирани поради украинската криза, британски „Гардијан“ објави конкретни имиња, повикувајќи се на извори од врвот во Европската унија.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, врховен командант на руските воздухопловни сили и Црноморската флота, водечки државни „пропагандисти“, како и 351 член на Думата се очекува да бидат цел на санкциите на ЕУ.

Мерките, кои мора да бидат потпишани од министрите за надворешни работи на ЕУ, ќе ги надминат оние што ги најавија САД и се значително подалеку од санкциите на Борис Џонсон.

ЕУ ќе воведе замрзнување имот и забрана за патување за 23 лица, три банки и злогласната интернет „фабрика за тролови“ во Санкт Петербург, како одговор на одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае самопрогласените републики Доњецк и Луганск како независни држави. Исто така, се очекува Унијата да санкционира 351 пратеник на руската Државна дума кои гласаа за признавање на двете територии.

– Се чини дека сите се подготвени да усвојат санкции, изјавил висок дипломат на ЕУ за Гардијан. Лидерите на Унијата имаат неколку часа да испратат коментари, а министрите се очекува попладнево да ги одобрат санкциите.

Шојгу е на врвот на листата на санкции, бидејќи тој е „во крајна линија одговорен за воената акција против Украина“, според нацрт-листата во која Гардијан имал увид. Нему му се придружуваат Антон Ваино, шефот на кабинетот на Путин, кој „игра активна улога во одлучувањето“, како и Игор Осипов, врховен командант на Црноморската флота и Сергеј Суровикин, врховен командант на руските воздушни и вселенски сили.

Меѓу другите високи функционери се вицепремиерот и претседател на државната банка ВТБ Дмитриј Григоренко и Игор Шувалов, претседател на Руската државна развојна банка ВЕБ, која игра важна улога во финансирањето на одбранбениот сектор.

ЕУ „удира“ и врз руските „пропагандисти“, вклучително и портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захаров, и шефицата на каналот РТ, Маргарита Симонјан, и двете познати по нивната остра антизападна реторика. На списокот е и Владимир Соловјов, про-Кремљ водител на каналот „Русија уан“.

Други значајни личности се Евгениј Пригожин, познат како готвачот на Путин. Пригожин е финансиран од Агенцијата за истражување на Интернет (ИРА), која исто така е додадена на листата на санкции на ЕУ.

Со седиште во Санкт Петербург, ИРА е попозната како „фабрика за тролови“, каде што блогерите работат дење и ноќе за да го преплават глобалниот интернет со про-Путин и антизападни ставови.

Санкционирана е и Банката на Русија, за која претставниците на ЕУ веруваат дека е лична банка на Путин и на многу негови функционери.

Back to top button
Close