Гардијан: Поранешниот шеф на Мосад ѝ се заканувал на обвинителката на МКС поради истрага за воени злосторства

Поранешниот шеф на израелската разузнавачка служба Мосад наводно и се заканувал на главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) на тајни состаноци, обидувајќи се да ја притисне да се откаже од истрагата за воени злосторства, пишува Гардијан.

Јоси Коен тајно ја контактирал тогашната обвинителка на МКС, Фата Бенсуда во годините пред нејзината одлука да отвори официјална истрага во 2021 година за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото на окупираните палестински територии.

Таа истрага кулминираше минатата недела кога наследникот на обвинителот Бенсуда, Карим Кан, објави дека бара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради дејствијата на неговата земја во војната во Газа.

Одлуката на обвинителите да бараат налози за апсење на Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и тројца лидери на Хамас, е исход од кој израелскиот политички и воен естаблишмент долго се плашеше.

Коен бил лично вклучен во операцијата против МКС додека бил директор на Мосад, а неговите активности биле овластени на највисоко ниво и оправдани бидејќи судот се сметал за закана за прогон на членовите на израелската војска, според неименуван израелски функционер.

Друг израелски функционер рече дека целта на Мосад била да ја компромитира обвинителката или да ја натера да соработува со барањата на Израел.

Трет извор запознаен со напорите рече дека Коен дејствувал како „неофицијален гласник“ на Нетанјаху.

Коен, кој беше еден од најблиските соработници на Нетанјаху во тоа време, лично ја предводеше вмешаноста на Мосад во речиси децениската кампања за сузбивање на судот.

Откривањето на активностите на Коен е дел од претстојната истрага на Гардијан и два израелски медиуми, чија цел е да открие како повеќе израелски разузнавачки агенции со години водат војна против МКС.Кабинетот на израелскиот премиер одговори на прашањата на Гардијан дека обвинувањата се лажни и неосновани и дека целта е да и се наштети на државата Израел. Коен не одговори на барањето за коментар, ниту Бенсуда го стори тоа

Back to top button
Close