Гас за топланите „Исток“ и „Запад“ уште за денеска, најави за нова набавка нема

Залихите на гас наменети за топланите „Исток“ и „Запад“ завршуваат денеска, а најава за нова набавка сè уште нема, поради што останува неизвесно дали илјадници домаќинства во Скопје ќе се останат со ладни радијатори во ек на грејна сезона, пишуваат медиумите.

Од Електрани на Северна Македонија во кус допис за Телма потенцирале дека средства за нова набавка има и дека нема да се случи прекин во дистрибуцијата на топлинска енергија, сепак не навеле дали е склучен договор за нова набавка.

Државната компанија најави дека ќе се обиде да користи дизел за производство на топлинска енергија, но планот пропадна, откако нивното барање беше одбиено од Министерството за животна средина, поради високата емисија на штетни гасови при користењето на овој вид на енергенс.

Во образложението се вели дека се додека на пазарот има гас на располагање нема да се овозможи користење на друго гориво, а се нотира и дека топланите немаат соодветни филтри за да се преориентираат на нафта или мазут.

Од почетокот на грејната сезона набавките на гас се реализираат на кратки временски интервали, бидејќи според Владата, на овој начин се прават заштеди врз падот на цената на природниот гас на светските пазари.

Back to top button
Close