Гаши ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ја одржа првата редовна координација во новиот собраниски состав, на која, главно, се дискутираше за конституирањето на комисиите, како и на неформалните работни тела во законодавниот дом.

На координацијата, покрај претседателот Гаши и генералната секретарка Цветанка Иванова, присуствуваа претставници на сите партии, односно коалиции кои освоија пратенички мандати на неодамнешните парламентарни избори: Никола Мицевски од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски од коалицијата на СДСМ, Блерим Беџети од Европскиот фронт на ДУИ, Халил Снопче од ВЛЕН, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Борис Крмов од Левица.

Претседателот Гаши притоа информира дека кон крајот на оваа работна недела треба да се одржи нова седница на Собранието, со цел верификација на останатите два мандати на пратеници, кои не беа верификувани на конститутивната седница на 28 мај годинава.

Државната изборна комисија, како што рече Гаши, веќе има доставено извештај за овие два мандати, така што неделава треба да се закаже седница за нивно верификување, со што ќе се комплетира новиот собраниски состав. Во однос на формирањето на комисиите, присутните ја разгледаа можноста во наредните денови првично да се изберат претседател и членови на Законодавно правната комисија и на Комисијата за политички систем, со оглед на тоа што течат роковите за избор на новата Влада. Потоа, во најбрз можен рок, политичките партии би требало да достават предлози за претседатели, членови и заменик-членови на сите други работни тела на Собранието, согласно бројот на мандатите освоени на изборите

Back to top button
Close