Гаши го тргна од дневен ред спорниот предлог-закон за „Скопје 2028“

По вонредната координација со претставниците на пратеничките групи, собранискиот спикер Африм Гаши денеска од дневен ред на 119. седница го тргна предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“, кој требаше да се гласа по скратена постапка.

Предлагајќи го дневниот ред, Гаши пред пратениците го изостави овој закон и ниту спомена дека е тргната точката ниту, пак, даде образложение, на што реагираа пратениците од ДУИ.

Пратеникот Талат Џафери посочи дека се крши Деловникот оти спикерот нема право да го менува дневниот ред со кој ја свикува седницата, туку тоа право му припаѓа на предлагачот на точката.

Пратеничката Рина Ајдари инсистираше да се даде образложение зошто е повлечена точката.

„Добро би било многу сериозно да се преземе почитување на Деловникот на Собранието. Вие нè повикавте на вонредна координација. Добро би било да образложите зошто се трга од дневен ред точката за проектот ‘Скопје 2028’ и за да бидеме транспарентни треба да се каже. Да ги делегирате пратениците кои го предложија законот, да кажат зошто е симната точката од дневен ред и каде се недостатоците. Продолжувате како ништо да не се случило, а имаше вонредна координација. Мора да дадете објаснување зошто беше симната од дневен ред оваа точка – со сите забелешки и дискусии кои ги имавме на вонредната координација, должни сте на тоа“,кажа пратеничката Рина Ајдари од ДУИ.

Откако беше прозван, спикерот Гаши посочи дека така било договорено на координација.

„Во договорот помеѓу нас во координација, главен проблем во предлог-законот за ‘Скопје 2028’, беа процедуралните забелешки и изнајдовме компромис таа точка да биде симната од дневен ред. Јас го направив тоа, не го повикав претставникот на пратениците да се предложи законот и таа точка не беше ставена за образложение“,рече спикерот Гаши.

И пред координацијата опозициските ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците реагираа дека Гаши не го почитува Деловникот, дека материјалите не се доставени на разгледување минимум десет дена, како и дека не се почитува албанскиот јазик. Инсистираа на образложение за итноста на седницата.

Гаши кажа дека Деловникот му дозволува да свикува итни седници и во пократок рок и обвинуваше дека процедурално се блокира седницата.

Инаку, со повлечениот предлог-законот поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, се предвидуваше Градот Скопје да основа посебна фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите тврдат дека за спроведување ваков проект е потребен посебен модел на управување кој ќе обезбеди професионална и програмска автономија.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата претходно повика Собранието веднаш да го прекине донесувањето на законот и побара тој да се достави на разгледување до ДКСК. Платформата алармира дека предлог-законот му дава огромни дискрециски овластувања на градоначалникот, што отвора огромен простор за корупција.

Реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од каде што посочија дека Законот за јавни набавки не смее да се заобиколува. Оттаму посочија дека примената на начелата на транспарентност, фер конкуренција, економичност, интегритет и ефективна контрола не смее да биде доведена во прашање, независно од институционалната форма преку која ќе се реализира проектот или од неговото значење.

Back to top button
Close