Гаши и Агелер разговарале за предлогот на Алтернатива за исклучување на кривичната застареност за политичката корупција

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, денеска остварил средба со американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер, информираа од партијата преку писмено соопштение.

За време на средбата, Гаши ѝ ја претставил на американската амбасадорка иницијативата на Алтернатива за поднесување на уставен амандман со кој ќе се исклучи кривичната застареност за политичката корупција, со што, како што се вели во соопштението на партијата, ќе се спречи неказнивоста на корупцијата поврзана со политиката.

„Претседателот Гаши за овој амандман ја побара американската поддршка, бидејќи е еден од најголемите чекори предложени досега, со директна цел – борба против политичката корупција. Оваа иницијатива мора да го надмине етничкиот дискурс и да се фокусира на владеењето на правото како приоритет за целото општество“, се наведува во соопштението од Алтернатива.

Од партијата додаваат дека Гаши и Агелер се согласиле оти ја делат истата визија за иднината на Северна Македонија, во контекст на нејзиниот напредок кон Европската Унија и европските стандарди во општеството, како што е владеењето на правото.

„Тие разговараа за плановите за забрзување на интеграцијата во ЕУ, вклучително и опциите за деблокирање на преговорите со ЕУ преку уставните измени“, додаваат од Алтернатива.

Back to top button
Close