Гаши: Интерпелацијата за мојата работа е политички мотивирана, а самиот текст е преполн со исламофобијата и албанофобија

Интерпелацијата за мојата работа не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието, оцени на денешната собраниска расправа спикерот на парламентот. Според него, интерпелацијата иако изгледа правно формулирана, таа е чисто политички мотивирана и самиот текст е преполн со исламофобијата и албанофобија.

„Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка цел“изјави Гаши.

Тој оцени дека парламентот е место каде треба да има отчет, а граѓаните го даваат последниот суд и нагласи дека е отворен и не крие ништо, туку сака отворен пристап за сите прашања.

„Затоа јавно поставувам прашање, на кого му служи оваа интерпелација и за каква цел. Сигурен сум дека одговорот на овие прашања ја дава суштината на оваа интерпелација. Левица е партија којашто идеолошки треба да го обединува и храни народот со теоријата за еднаквост, но за жал во реалноста таа е партија што многу често се профилира екстремно десно со своите ставови – против нашата евроатлантска интеграција, нашата посветеност за добрососедски односи и нашата посветеност за меѓуетничка хармонија. Многу е лошо кога се игра на картата на национализмот, за осудување на другиот без да се слушне другата страна“,изјави Гаши.

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, образложувајќи ги причините за поднесената интерпелација, рече дека ја темелеле на седум точки, но иако во меѓувреме сторил уште три-четири скандали, за „свадба на Косово“ и пеењето „шота на 2 Август“, како што нагласи ќе остави да зборува премиерот Христијан Мицкоски.

Интерпелацијата, како што појасни Апасиев, се заснова на направена повреда на начелото на секуларност – со верскиот обред на исламската заедница во Собранието, на дипломатските правила за обезбедување на ВИП личности – со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, на употребата на македонскиот јазик – при давањето на свечената изјава, на правилата за употреба на државното знаме, грб и химна, на начелото на инкомпатибилност на функциите – со неконстатирање на престанок на мандат на пратеникот Талат Џафери, на законските и етичките одредби за антинепотизам – присуството на сопругата на Гаши во државната делегација во Вашингтон и за повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците.

„За разлика од вашиот претходникот Талат Џафери, кој беше мајстор за скандали, Вие го надминавме и практично за 100 дена направивте рафал од скандали и станавте можеби велемајстор“изјави Апасиев.

Претресот по интерпелацијата на работата на претседателот на Собранието трае еден работен ден, до исцрпување на пријавените за збор – вкупно 21 пратеник.

Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а според најавите, поддршка ќе даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“, како и опозициската ДУИ, нема да дадат поддршка.

Back to top button
Close