Гаши, Мицкоски, Тиранската платформа и “уставобранителите”

1. На 27 април 2017 изборот на Џафери за претседател на Собранието беше искористен од членови на ВМРО-ДПМНЕ за упад во Собранието и обид да се спречи демократскиот избор на органи на власта.

На 28 мај 2024 Гаши е избран за претседател на Собранието и со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Последното на што би сакале денес да се потсетат ВМРО-ДПМНЕ е дека “набљудувани” од “случајниот минувач” Живаљевиќ – ги навлекоа своите поддржувачи. Веројатно тие сега со право се прашуваат за што всушност упаднаа во Собранието, за малку ќе го убиеја Села и за чии интереси?

 

2. “Тиранската платформа” за блокот на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 беше вовед во “албанизација на Македонија”.

Законското уредување на употребата на албанскиот јазик потоа беше прогласено за “предавство”.

 

7 години подоцна, Гаши изјавата за вршење на должноста на која е избран и од ВМРО-ДПМНЕ ја даде на албански јазик, а Македонците и натаму се Македонци и Албанците и натаму се Албанци.

 

3. Со усвојувањето на Преспанскиот договор беше дополнето името на државата. ВМРО-ДПМНЕ го отфрли договорот и… отиде на сите следни избори кандидирајќи функционери на Северна Македонија.

 

Сега продолжува со “Никогаш Северна од Али експрес” сведено на “никогаш усмено, само писмено… до следна прилика”.

 

4. Политичката непринципиелност затскриена зад “моралност” веќе е на “бандаж”. “Смоквините листови” (името, јазикот, идентитетот) веќе паднаа откако Силјановска-Давкова почна да се правда “Не изговарам Северна, ама потпишувам”, а Апасиев не поднесе предлог за раскинување на Преспанскиот договор.

 

Мицкоски знае: Непримената на Преспанскиот и игнорирањето на Софискиот договор му се на располагање до конституирањето на новата Европска Комисија.

Проблематичното владеење на правото и корупцијата што се кријат зад кочењето на европските интеграции на Северна Македонија со досегашните партиски политики потоа ќе го сведат на претходната власт. Денешната опозиција.

 

5. Одмолчувајќи го сето ова на конститутивната собраниска седница, СДСМ станува патерица на власта што нема да се бори против корупцијата и невладеењето на правото кои ја држат Северна Македонија надвор од ЕУ и на рангот на формален дел од НАТО.

Потребно е опстојување на корисното за нацијата и Републиката.

За почеток – од оние кои не можат да бидат уценети. И со тоа слободно по реч, идеја и дејство. Вклучително во нови формати.

Back to top button
Close