Гаши: Немам информации за тајно сценарио за хаос на изборите
Претседателот на Собранието Африм Гаши предлага пратениците да усвојат Декларација за фер и демократски избори во законодавниот дом. На брифинг со новинарите тој кажа дека веќе ја доставил до пратеничките групи да ја разгледаат и намерата е да биде усвоена што поскоро, пред официјалниот почеток на изборната кампања.
„Очекувам Декларацијата да биде усвоена со консензус на собраниска седница предвидена за 12 септември. Идејата е да се испрати позитивна порака до граѓаните. Посилна е пораката и пообврзувачка, ако се потпише во Собранието“ вели Гаши.

Прашан дали има сознанија за тајно сценарио меѓу опозициските СДСМ и ДУИ за предизвикување хаос на изборите, како што претходно објави премиерот Христијан Мицкоски, Гаши вели дека такви информации не стигнале до него.
Но ако има такви индиции, Декларацијата би била уште една потврда партиите да се обврзат на фер и демократски избори, вели Гаши.
„Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни, како да се за живот или смрт. Локални избори треба да бидат за тоа што градоначалниците треба да понудат“,
посочи Гаши.Во однос на измените на Изборниот законик кои не поминаа на последната собраниска седница, Гаши вели дека тоа е затворено прашање, нема најави за повторен обид – на избори ќе се оди со упатството кое го донесе Државната изборна комисија.На прашање дали седницата беше свикана само поради политички маркетинг, ако однапред било познато дека Собранието го нема потребното Бадентерово мнозинство, собранискиот спикер вели дека имале обврска да се обидат.
„Не беше за маркетинг, беше обид. Имаше најава, обид и координација со сите партии. Ако не ја свикав седницата, впечатокот ќе беше дека Собранието не се ни обидело да ги искористи сите можности, немаше да се знае кој гласа „за“, а кој бил против“,додаде Гаши.
Изборот на претседател на Државната комисија за спречување корупција и нов Народен правобранител, останува да се разгледаат по изборите, посочи Гаши.
За идниот месец собранискиот спикер најави одржување на две седници – на 2 и на 12 септември, кога освен усвојување на Декларацијата за фер избори, ќе се одржат и пратеничките прашања.