Гаши: Немам ингеренции да предлагам претседател на Комисијата за социјална политика, туку само да одредам пратеник за свикување седници

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека тој нема ингеренции да предлага претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Потенцира дека тој може да одреди пратеник за свикување на седниците на Комисијата.

-Што се донесува до Комисијата за социјална политика, демографија и млади, јас ве упатувам на Деловникот членот 126 и 114 ги решаваат овие ситуации кога нема претседател на Комисија, претседателот ќе утврди, ќе повика пратеник да ги свика седниците по одредени закони од тие области, рече Гаши.

Претседателот на Собранието потенцира дека ако „Европскиот фронт“ не предложи претседател на Комисијата на местото на Илире Даути, тогаш тоа прашање се решава само преку Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.

-Предлозите доаѓаат од пратеничките групи. Претседателот на Собрание нема право сам да предлага претседател на Комисијата до Комисијата за избори и именувања. Што се однесува до претседателот на Комисијата, јас немам ингеренции, компетенции да одредувам претседател. Јас имам право да одредам пратеник да ги води седниците. Ако доаѓаат закони, а не се свикуваат седници, ако нема претседател нормално дека нема да се свикуваат седници, тогаш јас ќе одредам пратеник кој ќе ги води седниците, рече Гаши.

Пратеничката на „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути на 16 јануари поднесе оставка од функцијата откако на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против беше изгласана интерпелација за неа. Интерпелацијата во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Образложувајќи ја оставката, Даути посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието и порача дека нејзиното дејствување за ставање на дневен ред на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување надвор од Деловникот.

-Зошто Апасиев и останатите пратеници од Левица во врска со Законот за бранители, не побараа точката да се стави на дневен ред? Јас ќе ја додадов точката на дневен ред, но се поставува прашањето зошто пратениците тоа не го побараа. Рокот за ставање на точката на дневен ред помина и мене не ми дозволуваше Деловникот да ја додадам таа точка. Овие 61 пратеници си играат „мејтап“ со власта. За мене услов е да се почитуваат сите националности, рече Даути.

Back to top button
Close