Гаши: Очекувам заменик-министерот за култура Даим Лучи да биде разрешен

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, најави дека доколку заменик-министерот за култура Даим Лучи не биде разрешен тогаш неговото останување во Владата ќе значи дека има некаков договор.

„Како партија треба да одлучиме што ќе правиме со луѓето што заминуваат и не ги почитуваат партиските одлуки бидејќи одлуката за повлекување од Влада и за излегување во опозиција е едногласно усвоено на Централното собрание. Ќе го дискутираме во партијата неговиот потег и ќе одлучиме што ќе правиме бидејќи е прекршување на одлуката на партијата“,

рече Гаши во вечарашното гостување во емисијата 200 на Алсат телевизија.
На прашањето дали Даим Лучи е се уште дел од Алтернатива, Гаши даде потврден одговор, но нагласи дека ако има ваков договор го крши партискиот Статут.

Тој не очекува Лучи да поднесе оставка, туку да биде разрешен.

Гаши рече дека соработката со СДСМ е затворена работа.

„Тие го затворија процесот и немаа храброст да ни кажат дека сè е завршено. Имаше смешна понуда каде имаше многу малку позиции кои ние како позиции не само што имавме причини да имаме власт, туку тоа беше дел од договорот кој беше гаранција за спроведување на постигнатиот договор“,рече Гаши.
Според него, прашањето зошто Алтернатива веќе не е дел од Владата треба да му се постави на премиерот и на останатите коалициони партии.

„Ние истакнавме дека за нас е особено важно да бидеме верни на договорот. Ние влеговме во Владата на крајот на 2021 година со објавен договор и останавме верни на тој договор и целиот наш политички пат во Владата во текот на 2022 година беше ориентиран во функција на реализација на тие точки од договорот и на крајот премиерот одлучи да смени правец и да ја смени Алтернатива со друг партнер“,
изјави лидерот на Алтернатива.

Гаши вели дека ваквиот потег остава лоша порака.

„Како ќе излезе оваа математика ќе видиме следните денови во Собрание. Сепак, мислам дека сме испратиле многу лоша порака и јас се согласувам дека со овие турбуленции што ги правиме на политичката сцена сите ние како политичка елита оставаме многу лош впечаток и ја убиваме надежта на граѓаните, младите и затоа луѓето бегаат од земјава. Сме создале држава каде никој не стои до принципите“,
рече Гаши.

Зборувајќи за неговиот поранешен сопартиец Скендер Реџепи-Зејд, Гаши вели дека тој не бил дел од договорот за владеење.

„Во моментот кога влеговме во Владата и Ковачевски и Заев знаеја дека разговараме со тројца пратеници и еден пратеник се договори на своја рака со премиерот. Значи, тој пакет и овој договор е потпишан за тројца пратеници. Тие добро знаат“,
додава Гаши.

Гаши е песимист за процесот на уставни измени, додавајќи дека Ковачевски и Ахмети, покрај политичкото самоубиство што го извршиле, ја убиле и европската иднина на државата. Тој додаде дека ќе ги поддржи уставните измени доколку се прифати нивниот амандман за борба против корупцијата.

Back to top button
Close