Гаши од Доха: Катар ја отвора можноста за инвестирање и поддржување филмски и медиумски проекти

Катар ја отвора можноста за инвестирање и поддржување филмски и медиумски проекти – порача собранискиот претседател Африм Гаши по средбата која за време на посетата на Доха ја оствари со генералниот секретар на Врховниот комитет за испорака и наследство на Катар, Хасан Ал Тавада, задолжен за развој на филмската индустрија. Целта, како што вели, е поголем развој на културни и креативни индустрии.
Африм Гаши на средба со генералниот секретар на Врховниот комитет за испорака и наследство на Катар, Хасан Ал Тавада
„Разговаравме за искуството на Катар во организирањето меѓународни настани и можностите за соработка во областите на културата, спортот и парламентарната дипломатија. Изразивме подготвеност за продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Катар, што ќе донесе придобивки за граѓаните и ќе отвори нови хоризонти за развој и стратешко партнерство“, порача Гаши по средбата со генералниот секретар на Врховниот комитет за испорака и наследство на Катар.
Соговорниците се согласиле дека соработката меѓу филмските институции и фестивали на двете држави, преку заеднички продукции, поддршка на млади продуценти и режисери може да придонесе за збогатување на креативниот потенцијал на Македонија и Катар.
За време на посетата на Доха, каде што учествува на Доха Форумот 2025, Гаши оствари средба и со својот колега Хасан Вин Абдула Ал-Ганим, претседател на Советот на Шурата на Катар. Со него разговарал за зајакнување на билатералните односи и новите можности за политичка, економска и парламентарна соработка.
„Ја нагласив важноста на парламентарната дипломатија и нашата подготвеност за интензивирање на дијалогот на сите нивоа. Ја изразив мојата благодарност за конструктивната и мировна улога на Катар во регионалните и глобалните прашања, а воедно ја истакнавме и нашата заедничка посветеност на уште подинамично партнерство во иднина, вклучително и на мултилатерални платформи“, порача Гаши.
Извор: 360stepeni.mk






