Гаши: Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но, не треба да бидеме барикадирани во нив
Во Собранието мора да преовлада взаемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите себеси едни кон други, немаме почит, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе не почитуваат. Оттука почнува се, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Африм Гаши.

Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но, не треба да бидеме барикадирани во нив туку низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција и добробит на сите граѓани.
Во пораката што ја упатува до пратениците и до граѓаните во пресрет на новата година, Гаши посочува оти очекува да се зголеми политичката култура и взаемната почит. Да почнеме, потенцира тој, да размислуваме за најбитните човечки особини за коишто сме учеле уште од детството, како што се почитта, респектот, толеранцијата, љубовта која треба да ја покажеме кон нашите колеги и другите луѓе со кои работиме заедно. Тие треба да преовладуваат.
-Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн, посочува Гаши






